Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска преку Твитер ја повика меѓународната заедница да испрати поостар одговор, како што рече, на „рускиот нуклеарен терор“, по синоќешното гранатирање на нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата нуклеарка во Европа.
Во телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, Зеленски побара да се воведат нови санкции за руската нуклеарна индустрија, а информацијата ја објави на Твитер.
Talked with @eucopresident Charles Michel, told about the situation on the battlefield, in particular at the Zaporizhzhia NPP. Russian nuclear terror requires a stronger response from the international community – sanctions on the Russian nuclear industry and nuclear fuel. (1/2)
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 7, 2022
Украинската државна компанија за нуклеарна енергија претходно соопшти дека еден работник во нуклеарката „Запорожје“ синоќа бил ранет во руското гранатирање на објектот.
Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси вчера изрази голема загриженост поради гранатирањето на „Запорожје“, предупредувајќи на опасноста од можна нуклеарна катастрофа, што може да ја загрози животната средина и јавното здравје во Украина и пошироко.
Централата во Запорожје беше окупирана од руските воени сили на почетокот на војната, но таму сè уште работат украински техничари.
Далноводот во централата пред два дена беше гранатиран и погоден, принудувајќи ги операторите да го затворат реакторот, иако не беше откриено истекување на радиоактивни материи.
Двете страни вчера меѓусебно се обвинија за „нуклеарен тероризам“.
Украинската државна нуклеарна компанија „Енергоатом“ ја обвини Русија за штетата, додека руското Министерство за одбрана ги обвини украинските сили за гранатирање на централата.