Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска ја предупреди Русија дека следи „многу остар“ одговор од Киев доколку Москва анектира четири украински региони по референдумите одржани на тие територии.
Изјавата на Кабинетот на Зеленски по телефонскиот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги не се однесува на утрешната церемонија на која рускиот претседател Владимир Путин ќе потпише документи со кои се прогласува руска анексија на четири украински региони, објави Ројтерс.
– Гласовите се безвредни и не ја менуваат реалноста. Територијалниот интегритет на Украина ќе биде обновен. А нашата реакција на признавањето на резултатите од Русија ќе биде многу остра – рече украинскиот претседател.
Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш денеска ги критикуваше плановите на Русија да анектира четири окупирани региони на Украина кон својата територија.
– Тоа е опасна ескалација, за такво нешто нема место во современиот свет, не смее да се прифати, предупреди Гутереш, тврдејќи дека секоја одлука за „анексија“ на делови од Украина ќе ги загрози изгледите за мир.
Рускиот претседател Владимир Путин утре ќе иницира официјална анексија на 15 отсто од украинската територија и ќе претседава со церемонијата на потпишување на договорот за припојување на четири украински региони кон Русија.
– Секоја одлука да се продолжи со анексијата на украинските региони Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје не треба да има никаква правна вредност и заслужува осуда – потенцираше Гутереш.
Според него, анексијата е спротивна на сето она што меѓународната заедница треба да го застапува. – Ги издава целите и принципите на ОН. Тоа е опасна ескалација. Нема место во современиот свет. Не смее да се прифати, рече генералниот секретар.
Тој нагласи дека „секоја руска одлука да продолжи во оваа насока дополнително ќе ги загрози изгледите за мир. Тоа ќе ги продолжи драматичните влијанија врз глобалната економија, особено врз земјите во развој, и ќе ја попречи нашата способност да испорачаме итна помош за Украина и пошироко“.