Австралија

Австралискиот здравствен систем е пред колапс, па владата на Скот Морисон е принудена да направи „очајнички“ потег – да повика помош од туристите планинари, таканаречените „бекпекери“, кои се карактеризираат со голем ранец на грбот, по кој го добиле името. Тие се разликуваат од другите туристи, освен по тоа што полесно и почесто се впуштаат во авантури туку и по начинот на кој патуваат. Тоа е независен вид патување, кој е многу популарен и има голем број асоцијации.
Но да се вратиме во Австралија. Владата на Скот Морисон испрати повик до поддржувачите, бидејќи австралискиот здравствен систем е на работ на колапс, а бројот на мртви расте само под налетот на омикронските соеви на коронавирус. Неговиот план предвидува на туристите планинари да не им се наплатува апликацијата за виза во замена за тоа во текот на „крстосувањето“ низ земјата да се вклучат на кој било начин во борбата против ковид, но и другите сектори што се десеткувани поради сојот омикрон.

Сето тоа го кажа јавно за време на телевизиски пренос, а звучеше вака: „Ајде дојди тука долу, затоа што и сакаше да дојдеш во Австралија. Оди низ целата земја и во исто време приклучи се на нашите тимови во земјоделскиот сектор, здравствениот сектор, но и во многу други сектори од нашата економија, кои се потпираат на таа работа“.
Според многумина, овој очајнички потег доаѓа во изборна година кога владата на Морисон се соочува со огромни критики за неуспехот да ја стави пандемијата под контрола, и покрај најригорозните мерки, чија жртва беше Новак Ѓоковиќ. Но парадоксот е, според „Ројтерс“, што Морисон ја испратил поканата истиот ден кога американскиот Центар за контрола на болести, познатиот ЦДЦ, објави во своите американски медиуми дека 22 земји се на листата на многу ризични за Американците кога станува збор за патување во нив. Австралија е и на таа листа.