Операциите на странските земји за евакуација на нивните граѓани од Судан, кој е погоден од војна, се одвиваат со потешкотии и во ризични услови. И покрај 72-часовниот прекин на огнот објавен завчера, борбите меѓу армијата и паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) продолжуваат.
„Ројтерс“ јави дека над Картум има густ чад , а извештаи пренесуваат дека во некои области се слушаат истрели.
Денеска беше погоден конвој со француски цивили, за што завојуваните страни меѓусебно се обвинуваат. Има информации дека е повреден еден Французин.
Француското Министерство за надворешни работи, кое претходно соопшти дека го евакуира дипломатскиот персонал и цивилите, нема коментар по ова прашање.
Војската, исто така, ја обвини РСФ за напад и ограбување на катарски конвој кој се движеше кон Порт Судан. Доха не даде директна изјава за двата инциденти.
Египет, исто така, соопшти дека припадник на неговата мисија во Судан бил ранет од огнено оружје, без да даде детали.
Саудиска Арабија веќе ги евакуира граѓаните од Картум преку Персискиот залив и од Порт Судан до Црвеното Море, додека Јордан ќе ја користи истата рута за своите државјани.
Египет, кој има повеќе од 10.000 граѓани во Судан, ги повика своите државјани надвор од Картум да се упатат кон неговиот конзулат во Порт Судан и конзуларната канцеларија во Вади Халфа на египетската граница.