Портпаролот на руското претседателство Дмитриј Песков денеска потврди дека неговиот најстар син Николај (33) учествувал во специјалната воена операција во Украина.
– Некогаш служеше во вооружените сили, всушност ја исполни својата уставна должност. Донел таква одлука, полнолетен е… Да, учествувал во специјална воена операција. Не би сакал да кажам повеќе, тоа нема никаква врска со мојата работа – рече Песков, пренесува „РИА Новости“.
И самиот Николај Песков истакна дека речиси шест месеци служел во „Вагнер“, како што пренесува „Би-би-си“.
– Тоа беше моја моја должност. Не можев да седам настрана и да гледам како моите пријатели и другите одат таму – кажа Николај Песков.
Основачот на паравоената група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, претходно изјави дека синот на Песков служел во неговите единици. Според Пригожин, тој покажал храброст и херојство.
На социјалните мрежи се појавија сомнежи дали синот на Песков всушност учествувал во специјалната воена операција во Украина, што светските медиуми досега не успеаја да го потврдат, како што истакнаа „Си-ен-ен“ и „Би-би-си“ извествувајќи за тврдењата.
Николај Песков одреден период живеел во Лондон и работел за руската медиумска мрежа „Раша тудеј“. Тој и неговиот татко се под американски санкции.
Борците на „Вагнер“, кои се ословувани и како „музиканти“, ја предводат руската офанзива врз Бахмут во источна Украина, каде што моментно се водат најжестоките борби во оружениот судир.