САД и ЕУ дискутираат како Западот би поддржувал украинска влада во егзил предводена од Владимир Зеленски, во случај украинскиот претседател да биде приморан да го напушти Киев, објавува „Си-ен-ен“ повикувајќи се на сопствени извори.
Дискутирано е потенцијално преместување на украинската власт во Лавов во западна Украина, како и за можноста за бегство на Зеленски и државниот врв во странство, за да го воспостават функционирањето на нова влада од Полска. Дикусиите засега се прелиминарни и уште нема конкретни одлуки.
Западот засега е претпазлив и не дискутира за влада во егзил директно со Зеленски, бидејќи украинскиот претседател нагласи дека сака да остане во Киев и досега одби слични предлози. Според изворите на „Си-ен-ен“, разгледувана е можноста двајца членови од украинскиот владин кабинет да заминат во странство каде што би работеле на поставување Влада, во случај на пад на Киев и на неможноста Зеленски да излезе од државата.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во интеврју за „Си-би-ес“ порача дека Украинците веќе имаат планови за одржување на континуитетот на Владата, но одби да открие детали за нив.
Се смета дека воспоставувањето на зона на забранети летови над Украина би овозможила функционирање на украинската влада, но изворите на „Си-ен-ен“ сметаат дека мала е фверојатноста за ваков чекор, бидејќи би значел директен судир со Русија.