Американскиот дипломатски конвој бил нападнат во Судан, соопшти денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Тој рече дека првичните извештаи сугерираат дека одговорни се војниците поврзани со паравоените сили за брза поддршка (РСФ).
Американскиот државен секретар објави дека телефонски разговарал за инцидентот што се случил вчера со Бурхан и Дагал одделно и дека секоја закана за безбедноста на американските дипломати е неприфатлива.
Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, пак, соопшти дека амбасадорот на ЕУ во Судан бил нападнат во неговата резиденција.
– Ова е грубо кршење на Виенската конвенција. Безбедноста на дипломатите и персоналот е примарна одговорност на суданските власти и обврските според меѓународното право – напиша Борел на Твитер.
Евроамбасадорот Ајдан О’Хара ја ретвитна објавата на Борел на својот профил.
Блинкен, кој присуствува на состанокот на Групата седум во Јапонија, ја истакна итноста за постигнување прекин на огнот, соопшти Стејт департментот.
Во Судан беснеат вооружени судири меѓу воените единици лојални на генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, шеф на привремениот владејачки суверен совет на Судан, и паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, кој исто така е заменик-претседател на советот.
Повеќето дипломати од целиот свет се обидуваат да посредуваат за прекин на огнот во Судан, а Советот за безбедност треба да расправа за кризата, откако најмалку 185 луѓе се убиени и 1.800 ранети од почетокот на конфликтот во саботата, соопшти ОН.