Фото: ЕПА

БРИКС и во новата година гласно ја промовира „дедоларизацијата на меѓународната трговија“ како клучна цел. Агендата на БРИКС е „воведување нова финансиска ера независна од доминацијата на американскиот долар“, со една меѓуцел, а тоа е „поставување на локалните валути во средиштето на трговијата и трансакциите“. Економиите во развој сметаат дека БРИКС-сојузот е перспективен, а е и единствената групација на држави што го предизвикува американскиот долар на дуел во меѓународната трговија

БРИКС и во 2025 година со динамични стратегии за проширување на своето членство и влијание

Форумот за економска соработка БРИКС (како предводник на глобалниот југ) продолжува да го проширува своето влијание, потврдувајќи ја својата позиција како еден од клучните актери во обидите за „редефинирање на глобалниот поредок“. Големата и важна азиска земја Индонезија ќе стане полноправна членка на БРИКС, објави Бразил откако во новата година од Русија го презеде претседателството со оваа, според низа економски аналитичари, „растечка економска организација“.
– Индонезија официјално се приклучи на групата БРИКС, блокот на економии во развој, вклучувајќи ги Русија, Кина и други, што се смета за противтежа на Западот – пишува „Ал џезира“, при што се додава дека Индонезија ќе стане полноправна членка заедно со Бразил, Русија, Индија, Кина, Јужна Африка, Иран, ОАЕ, Египет и со Етиопија.

Соработка врз основа на принципите на еднаквост, заемно почитување и одржлив развој

Индонезија соопшти дека ја „поздравува“ објавата на Бразил, а Министерството за надворешни работи во Џакарта рече дека членството во БРИКС е „стратегиски чекор за подобрување на соработката и соработката со другите земји во развој, врз основа на принципите на еднаквост, заемно почитување и одржлив развој“.
Азиската држава, исто така, изрази „благодарност до Русија“, претседавачот на БРИКС од 2024 година, „за нејзината поддршка и лидерство во олеснувањето на пристапот на Индонезија“. Во соопштението на Индонезија се вели: „Ова достигнување ја покажува сè поактивната улога на Индонезија во глобалните работи и посветеноста на зајакнување на мултилатералната соработка за да се создаде глобална структура што е поинклузивна и праведна“.
Бразилското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека најнаселената земја во Југоисточна Азија „ја дели со другите членки волјата да ги реформира институциите на глобалното управување и да даде позитивен придонес во соработката во рамките на глобалниот југ“. Истовремено се истакнува дека кандидатурата на Индонезија да му се приклучи на блокот беше одобрена за време на самитот во Јоханесбург во 2023 година.

Се зголемува бројот на земји што сакаат да пристапат во БРИКС

Бројот на земји што сакаат да ѝ се приклучат на алијансата БРИКС во 2025 година рапидно расте, при што повеќе од 20 држави го изразија својот интерес да му се приклучат на блокот. Според декларациите на БРИКС, „алијансата е отворена да ги покани земјите истомисленички да му се приклучат на БРИКС“.
Овој потег ќе ги зајакне изгледите на локалните валути и ќе го предизвика американскиот долар на глобалната сцена.
– Вратите на здружението остануваат отворени за истомисленици. Во моментов, повеќе од дваесетина земји покажаа интерес за системски дијалог со БРИКС – изјавија во заедничко соопштение основачките членки на БРИКС.
Земјите што сакаат да му се приклучат на БРИКС годинава се „Азербејџан, Бахреин, Бангладеш, Буркина Фасо, Камбоџа, Чад, Колумбија, Република Конго, Екваторијална Гвинеја, Хондурас, Лаос, Кувајт, Мароко, Мјанмар, Никарагва, Пакистан, Палестина, Сенегал, Јужен Судан, Шри Ланка, Сирија, Венецуела и Зимбабве“, се вели во објавата на БРИКС.
Сепак, некои аналитичари предупредуваат и дека „неконтролираното проширување би можело да доведе до тоа здружението да го растури својот мисловен процес“.
– БРИКС треба внимателно да ги одбира своите партнери во 2025 година за да напредува и за да опстане. Јасно е дека неконтролираното проширување на нашето здружение ќе го скрши неговиот ’рбет. Сметаме дека ни требаат постепени, усогласени и точни чекори. Како оние што ги преземавме во текот на нашето претседавање – изјавија во врска со ова официјални претставници на БРИКС.
Економиите во развој сметаат дека сојузот е перспективен, а и профитабилен, а притоа е единствената групација што ја предизвикува хегемонијата на американскиот долар, велат од БРИКС.

БРИКС: Дедоларизацијата на меѓународната трговија е клучна цел

БРИКС сѐ повеќе се гледа себеси како противтежа на Западот, со дедоларизација на меѓународната трговија како клучна цел. Групата воведува нова финансиска ера независна од доминацијата на американскиот долар, туркајќи ја дедоларизацијата со цел да ги постави локалните валути во средиштето на трговијата и трансакциите.
Повеќе членки на БРИКС го обвинуваат Вашингтон дека го користи доларот како политичко оружје, а групата предложи заедничка валута. Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп притоа ја истакна можноста за воведување царини од 100 отсто за земјите од БРИКС доколку тие го заменат доларот во меѓународната трговија.
Бразил, сепак, посочи дека има цел да ги засили напорите во оваа насока за време на неговото претседавање со БРИКС. Владата на претседателот Луис Инасио Лула да Силва рече дека нејзината цел е да „развие средства за плаќање“ за да ја олесни трговијата меѓу земјите членки.
Акронимот БРИКС првично беше измислен од банкар на Голдман Сакс на почетокот на векот, додека групата БРИКС беше формално создадена во 2009 година од основачите на Бразил, Русија, Индија и Кина. Јужна Африка се приклучи следната година. Блокот повторно се прошири минатата година кога Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати станаа полноправни членки. Аргентина и Саудиска Арабија се очекуваше да му се приклучат на БРИКС минатата година, но тие сѐ уште немаат донесено конечна одлука. Организацијата годинава официјално ќе добие девет нови партнери: Белорусија, Боливија, Куба, Индонезија, Казахстан, Малезија, Тајланд, Уганда и Узбекистан. БРИКС планира да продолжи со политиката на постепено проширување, дозволувајќи им на потенцијалните партнери да влезат во полноправно членство во иднина. Е.Р.


Неколку интересни информации за БРИКС
Сојуз што опфаќа половина од човештвото и 41 отсто од глобалниот БДП

Проширената структура на БРИКС, која сега вклучува девет членки и девет земји партнери, покрива приближно половина од светското население и повеќе од 41 процент од глобалниот БДП мерено според паритетот на куповната моќ (ППП). Ова проширување доаѓа по историскиот самит одржан во Казањ, Русија, во октомври 2024 година, каде што БРИКС ја прошири својата визија за инклузивност, давајќи им на земјите во развој поголем глас во глобалните работи. Од 13 земји поканети на партнерството, девет ја прифатија поканата, додека другите четири – Алжир, Нигерија, Турција и Виетнам – сè уште официјално не се изјасниле.

Водечка улога во производството на клучни ресурси

Проширувањето на организацијата значително го зголеми нејзиниот удел во глобалниот БДП. Според податоците на ММФ од октомври 2024 година, петте првични членки на БРИКС учествуваа со 33,76 отсто од глобалниот БДП, додека Г7 падна на 29,08 отсто. Со додавањето нови членки и партнери, БРИКС сега контролира дури 41,41 отсто од светската економија, надминувајќи ги сите други меѓународни економски сојузи.
БРИКС стана глобален лидер во производството на клучни производи, вклучувајќи храна, енергија и стратегиски ресурси. Земјите членки и партнерите се водечки во производството на основни земјоделски производи како ориз, пченица, пченка и шеќерна трска. Кина и Индија заедно произведуваат повеќе од половина од светскиот ориз, додека Бразил, Индонезија и Малезија доминираат во производството на масло од палма, клучен ресурс во прехранбената и козметичката индустрија.
Покрај земјоделството, БРИКС има значително влијание и врз глобалната енергетска индустрија. Пет од десетте најголеми светски производители на сурова нафта – Русија, Кина, Иран, ОАЕ и Бразил – се во БРИКС. Дополнително, земјите како Русија и Иран се водечки во производството на природен гас, додека Кина ја предводи транзицијата кон обновливи извори на енергија, со најголеми светски инвестиции во соларни и ветерни електроцентрали.
Стратегиските минерали се уште една област во која доминира БРИКС. Индонезија, нов партнер на организацијата, е најголемиот светски производител на никел, кој е клучен за производство на батерии и технологија за обновлива енергија. Бразил, Кина, Русија и Јужна Африка се водечки производители на железна руда, бакар и други минерали, кои се клучни за глобалната индустрија. Е.Р.