По петчасовната средба во Кремљ, двајцата претседатели излегоа на заедничка прес-конференција. На пресот беа понудени рамките за мирољубиво решавање на конфликтот. Повеќето од точките беа прифатливи и за францускиот и за рускиот претседател. Останува да се види втората засегната страна. Имено, Макрон веднаш по средбата замина за Украина каде што ќе ги изложи своите предлози за надминување на кризата
По средбата меѓу рускиот и францускиот претседател во Москва
Повеќе од пет часа траеја разговорите на рускиот претседател Владимир Путин со францускиот претседател Емануел Макрон во Кремљ. Двајцата претседатели се сретнаа во обид да најдат решение за кризата што се создаде околу Украина. По разговорите, Путин изјави дека неколку предлози на Макрон за време на разговорите во Москва би можеле да бидат основа за напредок во кризата. Макрон рече дека нашол точки на зближување за време на разговорите со Путин, кои дојдоа на денот на интензивирањето на меѓународните напори за смирување на конфликтот.
„Многу негови идеи, предлози… се можни како основа за понатамошни чекори“, рече Путин по повеќе од пет часа разговори со Макрон во Кремљ. Путин ги опиша разговорите како корисни, значајни и деловни, иако Макрон призна дека разликите остануваат.
На заедничката прес-конференција со Макрон по средбата, Путин рече дека двајцата претседатели повторно ќе разговараат телефонски, по разговорот меѓу францускиот лидер и раководството на Украина. Имено, веднаш по средбата во Москва, Макрон замина за Киев, каде што вчера требаше да се сретне со својот украински колега Владимир Зеленски.
Макрон рече дека следните денови ќе бидат клучни за конфликтот, откако на Путин му предложи „конкретни безбедносни гаранции“. Тој рече дека Русинот го уверил во неговата „подготвеност да се вклучи во таа смисла и желбата да се одржи стабилноста и територијалниот интегритет на Украина“.
Макрон, сепак, посочи дека му рекол на Путин дека создавањето нова безбедносна архитектура во Европа не треба да се прави со укинување на правото на државите да се приклучат на НАТО.
Путин повтори дека не гледа алтернатива на постојните мировни договори од Минск за решавање на конфликтот во источна Украина и додаде дека Киев мора да се придржува до чекорите наведени во договорите постигнати во 2014 и 2015 година.
– Без разлика дали се живи или имаат некаква перспектива или не – верувам дека едноставно нема алтернатива за договорите од Минск – рече Путин, пренесува Радио Слободна Европа.
Макрон стана најактивниот европски соговорник на Путин во врска со актуелната криза во Украина и тој разговараше со него по телефон пет пати од декември во обид да го спречи, како што велат западните официјални лица, она што би можело да биде претстојна руска инвазија.
Путин ја остави отворена вратата за идната дипломатија, дури и кога ја повтори својата неодамнешна критика на украинската влада затоа што, како што вели Кремљ, ги крши човековите права на руските говорници таму.
Како рефлексија на оваа средба во Кремљ, се огласи и претседателот на САД, Џозеф Бајден. Зборувајќи на заедничката конференција за новинари со германскиот канцелар Олаф Шолц, Бајден рекол дека ако Русија изврши инвазија на Украина, нема да го има „Северен тек 2“. На прашањето како ќе го направи тоа, одговорил: „Ветувам дека ќе можеме да го направиме тоа “.
Шолц во текот на обраќањето истакнал дека Германија и САД блиско соработуваат за да се осигурат за брзо воведување санкции за Русија во случај на напад на Украина.
„Русија ќе сноси големи последици“, рекол Шолц во Белата куќа. Тој укажал дека Германија е подготвена да ја финансира економската стабилност на Украина.
Се огласи и британскиот премиер Борис Џонсон, кој нагласи дека санкции и други мерки ќе бидат подготвени во случај на руски напад врз Украина, а неговата влада ќе побара од парламентот санкции за руски поединци и компании. Во авторска статија за лондонски „Тајмс“, Џонсон наведува дека Британија размислува да распореди борбени авиони и воени бродови на Кралската морнарица за да ја заштити Југоисточна Европа, а британскиот министер за одбрана Бен Волас и министерката за надворешни работи Лиз Трас наскоро ќе отпатуваат во Москва.