Нарачките од најголемите светски компании во бизнисот за оружје се блиску до рекордното ниво, откако пораснаа за повеќе од 10 отсто за само две години поради зголемената геополитичка тензија, вклучувајќи го и конфликтот во Украина
Како што растат геополитичките тензии, така се зголемуваат и нарачките за оружје
Анализата на „Фајненшл тајмс“ на 15 примероци, се разбира вклучувајќи ги и најголемите американски произведувачи, британската „БАЕ системс“ и јужнокорејската „Ханва аероспејс“, покажа дека на крајот на 2022 година (за минатата 2023 сѐ уште нема достатни информации) нарачките биле 777,6 милијарди долари, во споредба со 701,2 милијарда долари две години порано.
Трендот продолжи и во 2023 година. Во првите шест месеци од минатата година – најновите сеопфатни расположливи квартални податоци – нарачките во овие споменати компании изнесуваа 764 милијарди долари, зголемувајќи ја нивната идна работа. Владите на повеќе држави продолжија со своите нарачки за оружје.
Зголемен интерес на инвеститорите за компаниите од секторот производство на оружје
Постојаното трошење го поттикна интересот на инвеститорите во овој сектор. Глобалниот репер на МСЦИ за акциите на индустријата за оружје е зголемен за 25 отсто во текот на изминатите 12 месеци. Индексот на европските акции за воено-воздухопловни и одбранбени компании „Стокс“ се зголеми за повеќе од 50 отсто во истиот период.
Добивките го одразуваат убедувањето меѓу инвеститорите дека ќе продолжат повисоките трошоци за одбрана од страна на владите.
Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот, вкупните глобални трошоци за воени потреби се зголемија за 3,7 отсто во реални услови во 2022 година, односно постигнаа ново највисоко ниво од 2.240 милијарди долари. Воените трошоци во Европа го забележаа својот најголем пораст. Ако се погледне најмалку 30 години назад, секоја година се рушат рекордите од претходната. Владите објавуваат нови нарачки за муниција и тенкови за да ги дополнат националните резерви исцрпени од донациите испратени во Украина.
Според анализата на „Фајненшл тајмс“, јужнокорејската компанија „Ханва аероспејс“ забележа најголем пораст на нови нарачки, со заостанатиот износ од 2,4 милијарди долари во 2020 година на 15,2 милијарди долари на крајот на 2022 година. Имено, компанијата, најголемиот производител на оружје во Јужна Кореја, која го произведува самоодниот тенк хаубица „К-9“, има значителен профит од нарачките поврзани со Украина, особено од Полска.
Јужна Кореја се позиционираше во рангот на најголеми продавачи на оружје во последните две години во светот, поради значителните извозни нарачки, особено од источноевропските земји. Таа стана деветти по големина продавач на оружје во светот во 2022 година, од 31. место во 2000 година, според „Сипри“.
Не се сите повисоки трошоци за оружје на Владите и порачките за
купување оружје поврзани со Украина
Германскиот производител на тенкови „Рајнметал“ беше уште еден од добитниците што профитираа поради војната во Украина, со заостанати нарачки од 14,8 милијарди долари во 2020 година на 27,9 милијарди долари во 2022 година. Неговиот заостаток изнесуваше 32,5 милијарди долари на половина од 2023 година.
Но за издвојување е дека не се сите повисоки трошоци за оружје на Владите и порачките за купување оружје поврзани со Украина. Заостанатите нарачки на „БАЕ системс“, на пример, се зголемија од 61,8 милијарда долари на 70,8 милијарди долари во 2022 година, благодарение на новите нарачки за постојните програми, вклучувајќи подморници, фрегати и борбени авиони. Нејзините заостанати нарачки достигнаа рекордни 84,2 милијарди долари во првите шест месеци од 2023 година.
Според Ник Канингем, аналитичар во агенцијата „Партнерс“, некои од причините за поголемите заостатоци се направени уште пред војната во Украина.
– Реалноста е дека времето за креирање политики, буџетите и нарачките се толку долги што инвазијата од пред речиси две години дури сега се појавува во нарачки и едвај во приходите, освен за неколку специјалисти со пократок циклус, како што е „Рајнметал“ – рече тој.
И покрај добивањето нови нарачки, многу европски и американски одбранбени компании се мачеа значително да го зголемат производствениот капацитет во услови на постојани прекини во синџирот на снабдување и недостиг од работна сила.
Анализата на „Сипри“ на 100-те најголеми компании покажа дека приходите од продажба на оружје и воени услуги изнесуваат вкупно 597 милијарди долари во 2022 година, 3,5 отсто помалку од 2021 година во реални услови, иако побарувачката нагло се зголеми.
Канингем рече дека протокот на нарачки „изгледа навистина силен, па очекуваме да дојде повеќе“. Тој очекува „соодносот книга – сметка“ – односно односот на нарачки и испораки – да остане над еден, што значи дека заостатоците треба да „се зголемуваат уште некое време“.