Поранешниот светски шаховски првак, експерт за вештачка интелигенција и критичар на режимот во Кремљ, Гари Каспаров, изјави дека војната во Украина несомнено стана пресвртница во историјата, јави дописникот на МИА од Софија.
Каспаров, кој учествуваше на конференцијата во Софија за прашањата на одбраната и кибер-безбедноста на земјите од Југоисточна Европа, рече дека тоа е важна лекција и треба да биде потсетник за способноста на слободните луѓе да одговорат на сите предизвици. Според него, на почетокот на воените акции во Украина, Русија извршила масовен напад на сите фронтови – воена офанзива и кибер-напад од големи размери.
Каспаров нагласи дека кибер-војната не треба да се одвојува од реалните воени операции.
– Војната во Украина се води и онлајн и офлајн, демонстрирајќи ги предностите на слободниот свет – рече тој.
Форумот е организиран од израелската платформа ИмИмпровате (ImImprovate), а домаќин е Росен Плевнелиев, поранешен претседател на Бугарија (2012 – 2017), кој е во советодавниот одбор на платформата.