Ескалацијата на последниот конфликт на Блискиот Исток во најлошото сценарио може да ја зголеми цената на нафтата на 157 долари за барел, се наведува во најновата прогноза за пазарите на суровини, што ја објави Светската банка. Ефектите од конфликтот врз цената на стоките ќе бидат ограничени доколку војната не се прошири.
– Доколку конфликтот се разгори, глобалната економија ќе се соочи со двоен енергетски шок за првпат, по неколку децении, не само поради војната во Украина туку и поради Блискиот Исток – предупреди Индермит Гил, главниот економист на Светската банка.
Според основната прогноза на СБ, просечните цени на нафтата во тековниот квартал ќе бидат 90 долари за барел, а во наредната година ќе паднат на 81 долар поради забавувањето на економскиот раст. Доколку конфликтот меѓу Израел и Палестина се разгори и се прошири, комитетот предвидува три можни исходи. Во сценариото за „мал прекин на снабдувањето“, глобалните резерви на нафта би се намалиле за 500.000 до два милиони барели дневно. Тоа е приближно еднакво на падот забележан за време на либиската граѓанска војна во 2011 година. Во тој случај, цената на црното злато првично би се зголемила меѓу три и 13 отсто во однос на просекот за тековниот квартал, во опсег од 93 до 102 долари за барел.
Доколку се оствари сценариото за „средно нарушување“, кое е приближно еднакво на последиците од војната во Ирак во 2003 година, глобалните резерви на нафта би се намалиле од три до пет милиони барели дневно. Ова првично би ги зголемило цените на тој енергент од 21 до 35 отсто и тие би биле меѓу 109 и 121 долар за барел.
Сценариото за „големо нарушување“, споредливо со арапското нафтено ембарго од 1973 година, предвидува намалување на глобалните резерви на нафта од шест до осум милиони барели дневно. Во тој случај цените би пораснале од 56 до 75 отсто и би се движеле меѓу 140 и 157 долари за барел.