Поминаа 11 месеци откако започна воената операција во Украина, најинтензивниот и најобемен конфликт во последните децении. И како и во секоја ваква ситуација, голем број воени експерти и аналитичари ги анализираат сите аспекти на конфликтот во обид да се извлечат заклучоци: воените јастреби/генерали за тоа како да се води поефикасно војна, а пацифистите и високите интелектуалци и истражувачи од разните институти за мировни студии – како да се задржи мирот и како во иднина мирно да се решаваат конфликти. Овој пат кратко ќе се осврнеме на анализите на воените експерти за тоа каква е улогата на воздухопловните сили во украинскиот конфликт
Анализа на воени експерти во врска со неколку аспекти на воениот судир во Украина
Во повеќето анализи што ги споредувавме се истражуваа различни детали за воздушните кампањи што ги водеа и Русија и Украина. Некои од сознанијата на аналитичарите се нови и интересни за издвојување, а некои, пак, се познати и за оние што не се воени експерти.
1. Не сите војни се водат со воздушни сили и не се воздушните сили оние што се секогаш одлучувачки
Наспроти очекувањата, големите воздушни напади, како оние спроведени од САД за време на Заливската војна во 1990-1991 година, во Украина не беа видени ниту од едната ниту од другата страна. Ова уште еднаш нѐ потсетува дека огромната воздушна моќ не е единствениот начин да се води војна, и тоа мора да се земе предвид. Дури се навестува дека војната во Украина може да ја зголеми свеста за погледот на војувањето што не е насочен кон авијацијата.
Анализите покажуваат дека за време на раните денови на руската операција во Украина се зборуваше дека руската армија е првенствено артилериска армија. Оваа карактеристика брзо се потврди. Кога линиите на фронтот се стабилизираа, тогаш Русија почна да троши огромни количества гранати. Украина немаше друг избор освен да одговори со сопствени масовни артилериски баражи.
2. Копнената противвоздушна одбрана е исклучително важна
За време на Студената војна, не можејќи да одговори на авијациската предност на НАТО, Советскиот Сојуз ги вложи своите ресурси во развојот на ефективни системи за воздушна одбрана на земјата. Децении подоцна, некои од тие системи – како што се „С-300“ и „бук“ – сè уште го формираат столбот на воздушната одбрана на Русија и на Украина. Тие се многу ефикасни, создавајќи еден вид меѓусебно негирање на воздушната супериорност: ниту руските ниту украинските авиони немаа никаков успех во разбивањето на овие одбрани откако беа воспоставени во март 2022 година.
Истакнувањето на овие системи, а не само на воздушната моќ, се рефлектира и во напорите на НАТО да ја снабди Украина со нив и во повиците на нејзините членки за повеќе противвоздушни батерии на источното крило на Алијансата.
Сепак, конфликтот го потврди и сознанието дека доктриналната зависност од воздушната моќ ги остави тенки системите за воздушна одбрана на НАТО. Ситуацијата на теренот ги натера претставниците на одбраната и од САД и од европските земји да признаат дека нивните способности се ограничени. Притоа, многу земји – вклучувајќи ги и оние што не се членки на НАТО – објавија дека ги зголемуваат трошоците за новите системи за воздушна одбрана од земја, наведувајќи ги лекциите од Украина како директно влијание.
Во тој контекст треба да се разгледува и системот на НАТО за справување со противвоздушното вооружување на непријателот, кој опфаќа сузбивање на непријателската воздушна одбрана и нејзино уништување. Тоа се сложени и опасни операции што целат на системите за воздушна одбрана со специјално оружје и тактики, а беа особено видливи во операцијата Пустинска бура.
Во украинскиот конфликт немаше ништо слично, што сугерира дека руските воздушни сили имаат само ограничени способности на тој план, а Украина имаше скромен успех и во оваа задача, и покрај тоа што беше снабдена со антирадарски ракети од САД.
Лекцијата што ја извлекуваат аналитичарите е дека во иднина ќе се смени односот кон ова прашање и дека земјите ќе посветат многу поголемо внимание за развој на сопствени системи за успешно сузбивање и/или уништување на операциите на непријателската противвоздушна одбрана.
Француските воздухопловни сили беа првите што реагираа на ова и иницираа развој на верзија на ваков систем, а се очекуваат слични потези од некои од НАТО-сојузниците во блиска иднина.
3. Воздушните мисии од големи размери се тешки, комплицирани и сѐ помалку ефикасни
Воздушната обука и борбата на НАТО често вклучуваат стотици авиони што работат во координација, истовремено извршувајќи различни мисии што вклучуваат извидување, воздушна супериорност, копнен напад и многу повеќе – со поддршка од воздушно полнење гориво и управување со воздушните мисии.
Русија не спроведе такви мисии во Украина, и покрај тоа што навидум има таква способност. Според гореспоменатиот извештај на Кралскиот институт за обединети услуги (РУСИ – најстариот во светот и водечки аналитички центар за одбрана и безбедност во Велика Британија), главната причина за тоа била неспособноста на Русија да организира операции за масовно полнење гориво во воздух, кои бараат достапност на танкери, ригорозна обука на пилотите и високо ниво на координација.
4. Комбинираното војување потфрли поради недостигот од комуникација и координација
Комбинираното војување е стратегија што нагласува интегрирање на сите видови оружје – како што се пешадија, оклопни единици, артилерија и воздухопловни сили – меѓу себе и нивно искористување така што слабостите на која било поединечна рака се компензираат со силните страни на другите.
Тоа е најпосакуваниот начин на борба за повеќето модерни армии и, барем на хартија, Русија покажа извонредност во тоа за време на големите воени вежби организирани во изминатите години. Но кога станува збор за демонстрирање комбинирано оружје во Украина, перформансите на руската војска биле така блескави, барем според повеќето анализи.
Многу слични извештаи ја истакнаа слабата комуникација меѓу копнените и воздушните сили како една од главните причини за неуспех. Од раните денови, кога руската тактичка авијација не успеа да обезбеди блиска воздушна поддршка на напаѓачките сили, до неспособноста на руските воздухопловни сили да се борат за време на украинските напредувања наесен, во преден план постојано беше истакнуван недостигот од комуникација и координација од страна на меѓународните аналитичари.
5. За модерно војување е неопходно прецизно високософистицирано оружје
Исто како и претходната лекција, и оваа не е ексклузивна за воздухопловните сили. Недостигот од капацитет за производство на муниција веројатно има уште поголемо влијание врз артилеријата, бидејќи и Русија и Украина, наводно, трошат неодржливи количества гранати, истрелувајќи го годишното производство за еден месец. Но овој проблем е еднакво акутен за руските и украинските воздухопловни сили.
– Русите во голема мера ги исцрпија резервите на проектили и бомби со прецизно наведување. Така, како резултат на тоа, тие се свртеа кон Иран и рекоа: „Дали можеме да купиме некои од вашите беспилотни летала?“. Според мене, ова е знак за слабост на Русија во моментов – вели Курт Вокер, поранешен американски амбасадор во НАТО и поранешен американски специјалец.
6. Сѐ уште е превисока цената на прецизното високософистицирано оружје
Неодржливоста на масовната употреба на скапи високотехнолошки оружја, како што се ласерски наведувани проектили, е нагласена со децении. Во ситуација кога тие се користат од украинските одбранбени системи против нискотехнолошките ирански беспилотни летала и руското трошење крстосувачки ракети на тактички цели, станува јасна идејата дека прецизното оружје навистина треба да биде поевтино.
Алтернативата на тоа е враќање на ненаведеното оружје, или таканаречените „неми бомби“, кои исто така имаат широка употреба во Украина, а се многу помалку ефикасни и истовремено резултираат со огромна колатерална штета.
Токму искуството на овој план иницира развој или производство на поевтино прецизно оружје – па дури и нивно доставување до Украина. Пентагон започна да го развива производството на ГЛСДБ, сеприсутна бомба ГБУ-39 модифицирана со ракетен мотор, а Велика Британија истовремено развива евтина крстосувачка ракета.
7. Дроновите си најдоа свое место и време
Сериозната употреба на беспилотни летала е истакната карактеристика на многу оружени конфликти во претходните децении. Војната во Украина уште повеќе го засили тој тренд. Од зрнести снимки од ударите на „бајрактар ТБ 2“ до видеа на „ДЈИ мавикс“ како учествуваат во борби со кучиња, беспилотните летала се во центарот на вниманието од почетокот на војната.
Инвестициите во беспилотни технологии вртоглаво пораснаа: „Бајрактар“ призна дека се мачи да го следи приливот на нарачки за ТБ2, додека производството на муниција драстично се зголеми. Некои аналитичари дури предвидуваат дека воените набавки ќе станат главен двигател на пазарот на комерцијални дронови.
Сепак, фактот дека беспилотните летала се важни е лекција што војските ја научија пред неколку децении. Руската инвазија на Украина ја дополни таа лекција со уште една: сега е исклучително важно е да се користат беспилотните летала.