Какви се очекувањата од кинескиот претседател по Конгресот на Комунистичката партија

Кинескиот претседател Си Џинпинг на Конгресот на Комунистичката партија на Кина го доби третиот мандат како генерален секретар на КПК. Очите на светската јавност сега се свртени кон Пекинг, во очекување на првите потези на лидерот, за да се анализира во кој правец ќе се движи државата во иднина. Експертите што со години ја проучуваат политиката на кинескиот лидер веруваат дека претседателот на Кина, Си, ќе продолжи да работи напорно за да ги заштити кинеските интереси во иднина.
Но она што е сигурно е фактот дека идните чекори на Си ќе имаат големо влијание не само на Кина туку и на целиот свет. Аналитичарите укажуваат дека тој го започнува третиот мандат во сосема поинаква атмосфера во однос на претходните два. На тоа укажува и кинескиот лидер во работниот извештај, деталниот акциски план што тој му го претстави на Конгресот, при што ги потенцира драстичните промени во меѓународната средина, потенцирајќи ги „обидите за уцена, задржување, блокада и максимален притисок врз Кина“.
Од друга страна, спомнатите аналитичари укажуваат на можноста од дополнително приближување меѓу Москва и Пекинг. Иако Кина се обиде да се прикаже себеси како неутрален набљудувач за време на конфликтот во Украина, таа одби да ги осуди потезите на рускиот претседател и наместо тоа го обвини Западот за поттикнување на конфликтот.
Но она што привлече најголемо внимание на Конгресот на Комунистичката партија, беше делот од говорот кога вети дека „ќе ги обедини копното на Кина и Тајван“.
Во секој случај, остануваат многу прашања што ќе го чекаат својот одговор во наредниот период. Очите на кинеската, но и на светската јавност се вперени во Си Џинпинг, кој во својот трет мандат влезе посилен од кога било.