Писмо од Гетеборг, слики од Шведска
Оваа мала прошетка по темите и како се рефлектира тоа во повеќе правци, пред сѐ кон внатре, е со цел чисто колку да знаеме дека има многу работи што имаат заеднички именител без разлика дали станува збор за Балканот или за Скандинавија
Ацо Каланоски од Гетеборг, Шведска, специјално за „Нова Македонија“
Уште некој ден ќе влеземе во втората половина на месец јуни, а сѐ уште не сме стигнале до 20 степени. Се појави малку сонце, и тоа токму кога 260-метарскиот амфибиски воен брод „USS Kearsarge“ се појави во Стокхолм, како дел од воената вежба „Балтопс 2022“. Патем, на воената вежба учествуваа 14 земји-членки на НАТО, плус Шведска и Финска, со околу 45 брода, 75 авиони и околу 7.000 војници.
Ни на крај памет не ми беше дека ќе можам „да им влезам во положение“ на Швеѓаниве, и тоа од онаа нашата, македонска страна. Се разбира, ако човек малку повнимателно ги мери работите, односно околностите и актерите, тие ни оддалеку не се исти, ама чувството дека некому му сметате, некој од некакви причини не ве сака, во случајот со Шведска и Финска тоа е Турција, тоа е исто. Притоа може до утре сабајле да рационализирате со тоа што ќе аргументирате дека во надворешната политика нема чувства, нема емоции, туку само интереси.
Шведска во или надвор од НАТО?
Дебатата за тоа дали Шведска треба да влезе во НАТО или не, не е нова. Таа само доби интензитет по воената интервенција на Русија во Украина. Чин за кој во шведското општество не постојат дилеми. Отворена, нескриена брутална агресија.
Со анализата за тоа зошто треба Шведска да биде членка на НАТО, веќе подолг период се занимаваа разни институти и институции. Материјата е извонредно комплексна и опфаќа елементи на геополитика, анализи на воени експерти за стратегиските и тактичките предизвици и, секако, без разлика на тоа што е последна (но, не и помалку важна) т.н. хибридна војна и заканата од неа.
А за тоа како во Финска и во Шведска се доживуваат Путиновите реминисценции од пред некој ден, кога Русија се сеќаваше на Петар Велики, мислам дека не треба ни да објаснувам. Мислам дека нема медиум што не ги пренесе зборовите на Путин кога изјави дека „ќе си го земеме назад тоа што е наше“, навраќајќи се притоа на периоди кога токму Русија и Шведска војувале меѓу себе.
Целиот тој „пакет“ предизвика и мала политичка криза, чија разврска ѝ падна на плеќи на пратеничката Аминех Какабевех. Независна пратеничка од курдско потекло, отворена критичарка на политиките на Реџеп Таип Ердоган. Нејзиниот глас беше јазичето на вагата кога се гласаше за предлогот на опозицијата за разрешување на министерот за правда Морган Јохансон. Премиерката Магдалена Андерсон претходно соопшти дека ќе поднесе оставка доколку се изгласа предлогот за разрешување на министерот за правда.
Деновиве наидов на еден текст објавен во дневниот весник „Дагенс нихетер“, во кој новинарот пренесува една сторија за тоа како војната во Украина различно се толкува меѓу членови на една фамилија (Руси по род) што живеат во Шведска и во Русија. Некако ми прозвучи познато, особено сега кога преку социјалните мрежи се пренесува сѐ и сешто и кога не е лесно да се разликуваат информациите од дезинформациите.
Оваа мала прошетка по темите и како се рефлектира тоа во повеќе правци, пред сѐ кон внатре, е со цел чисто колку да знаеме дека има многу работи што имаат заеднички именител без разлика дали станува збор за Балканот или за Скандинавија.
Далеку од идентичност во однос на економскиот сегмент
Е, она што не е исто е што општеството и особено оној економскиот сегмент е во својот „филм“ и се занимава со своите проблеми. Тоа приближно изгледа вака.
На почетокот на 2022 година, во регионот на Западна Шведска, во кој е сместен кластерот на автомобилската индустрија, сè уште постои силна економска ситуација. Вработеноста е зголемена за 3,8 отсто на годишна основа. Невработеноста е сведена на нормално ниво и пониска отколку во остатокот од Шведска. Бројот на огласени работни места достигна ново рекордно ниво од 13.000 новорегистрирани места месечно.
Во месец мај е забележана најниска невработеност меѓу регионите на Гетеборг, Малме и Стокхолм. Невработеноста во регионот на Гетеборг продолжува да се намалува, достигнувајќи 5,7 проценти во мај, всушност под просечното ниво пред пандемијата (во периодот 2014-2019 година). Во регионот Стокхолм, бројката во мај беше 6,3 отсто, во регионот Малме 8,9 отсто, во споредба со 6,7 отсто во Шведска како целина. Во регионот Гетеборг, нешто повеќе од 30.400 луѓе сега се невработени или запишани во програми за политика на пазарот.
Менаџментот на фирмите што го сочинуваат кластерот на индустријата за моторни возила е насочен во два правца. Кон надвор, во насока на обезбедување предвидливост, пред сѐ, во синџирите на снабдување што беа под влијание и сѐ уште трпат последици од ковид-кризата. Во тој сегмент се прават напори да се интегрираат системите почнувајќи од најдалечните доставувачи во процесот (point of origin), па сѐ до крајниот консумент (point of consumption). Притоа се анализира сѐ. Од пакувањето до транспортот. Сите детали мораат да се рационализираат до оној оптимум што не влијае на квалитетот. Квалитетот секогаш мора да биде на прво место. Така се постигнува флексибилноста што треба на субјектите да им овозможи полесно да ги поднесат шоковите на кои е подложен пазарот. Се разбира, досега покрај стандардната понуда и побарувачка и целиот финансиски комплекс поврзан со нив и пандемискиот, како фактор на кој во иднина ќе треба многу да се смета бидејќи тешко дека ќе може да се очекува таква дарежливост од државните буџети како што беше во првата година на ковид-пандемијата. Овој правец „кон надвор“ треба системски да ги интегрира или да ги донесе поблиску квалитетот и логистиката како клучни елементи во синџирите на доставување, бидејќи тој начин во иднина ќе спречи сериски грешки. Читателите сигурно се сеќаваат колку пати прочитале дека се повлекуваат 100 илјади или повеќе возила од најразлични марки. Ако пресметате колку чини проверката на евентуалните грешки (работни саати во сервисите, обезбедување алтернатива додека трае проверката и сл.) е јасно дека се работи за големи трошоци, кои во иднина треба да се елиминираат.
Фантастична адаптибилност на условите на пазарот
Вториот правец или „кон внатре“ е насочен кон самиот технолошки процес. Процесите или производствените линии, најчесто се дизајнирани и организирани да дадат оптимални резултати со минимални трошоци. Тие последниве години се предмет на опсервација, при што се анализираат оптоварувањата на процесите, стресните моменти што се присутни во процесот и како резултат на тоа на варијациите на кои е подложен процесот. Најлоша можна ситуација за еден технолошки процес е варијацијата „тргни-застани“. Тоа доведува до огромни трошоци или загуби, кои крајниот консумент не е должен да ги поднесува. На крајот сето тоа влијае на цената на поединечниот производ, во смисла на лош квалитет, прекувремени саати, дополнителни трошоци за складиштење, дополнителни транспортни трошоци, што на долг рок го прави производот неконкурентен.
Забележителни се напорите на фирмите од кластерите за моторни возила да го постигнат тоа ниво на флексибилност што ќе им овозможи полесно да се адаптираат на условите на пазарот. Онака како што во раните 1990-ти, автоматизацијата создаде турбуленции во пазарите на работна сила, така и сега, дигитализацијата и роботизацијата на одделни делови од технолошките процеси, влијаат на истиот тој. Во Шведска, на пример, пред една година започна дебата на т.н. (trygghets pension) притоа зборот trygghet најчесто се преведува како сигурност, безбедност, која би се однесувала на лица постари од 60 години на кои фирмата во која работат не може да им најде ангажман, а се веќе во години кога се неконкурентни да излезат на пазарот на трудот. Тој предлог ги пројде партиските комисии и филтри на најсилната од партиите што се на власт (социјалдемократите), доби поддршка и сега се прават големите математики како ќе изгледа во бројки оваа тема. За кој период ќе важи, за кого ќе важи, за колкава сума станува збор и на кој начин сето тоа би влегло во буџетските политики. Погодувате, секако, дека набргу ќе има и избори. Во септември оваа година. За приближно три месеци.
Ете, уште една сличност. Или нијанси што потсетуваат, де!