фото: Пиксалс

Тројца турски државјани се приведени во Австрија под сомнение дека шпионирале австриски жители со турско потекло за турската разузнавачка служба МИТ, соопшти денеска Австриската канцеларија за заштита на државниот поредок и борба против тероризмот.

– При претрес на становите на осомничените пронајдена е поголема количина носачи на податоци, мобилни телефони и гасни пиштоли, а во апсењето учествувале и припадници на специјалната единица Кобра – соопшти Управата за заштита на уставниот поредок.

Во соопштението се наведува дека ова е „познат метод“ за собирање податоци за противниците на власта и опозициските активисти кои живеат во странство. Истрагата започна во февруари годинава.

Пред тоа австриските медиуми објавија дека приведените шпиони работеле против членови на т.н. Движење Ѓулен кои живеат во Австрија и испраќале информации до Анкара за нивните активности.

Во соопштението се наведува дека лицата кои ги следеле шпионите се турски државјани и австриски државјани со турско потекло.