Покрај недостиг од работници, британската економија дополнително е оптоварена со порастот на цените на енергијата

Велика Британија со економски последици по брегзит

Брегзит и укинувањето на слободата на движење на луѓето не се главна причина за недостигот од работна сила во Велика Британија. Другите фактори се пандемијата на коронавирусот и одлуката на многу работници да заминат порано во пензија. Причината за недостиг од работници е и специфичноста на некои стопански сектори. Некои професии не се доволно атрактивни, поради ниските плати, покажала анализата на професори од Оксфорд, кои работеле на истражувањето на ефектите од излегувањето на Велика Британија од Европската Унија.
Во угостителството или логистиката, британските компании се потпираа на работната сила од другите членки на ЕУ, а сега имаат проблем да ги пополнат празните работни места. Бројот на стечаи во британските ресторани лани е зголемен за 64 отсто.
Со излегувањето од ЕУ, сега се потребни скапи визи, кои се покриваат од работодавачите, но целата постапка за добивање дозвола за работа е комплицирана. За работниците во секторите со помали плати, сега не се издаваат работни визи, со исклучок за негуватели или сезонски работници.
Британската влада постави цел креирање „висококвалификувана економија со високи плати“. Ова значеше дека домашните работодавачи треба да ги пополнат местата со домашна работна сила и зголемени плати. Некои од фирмите го автоматизираа производството, но некои дејности, како земјоделството, вработуваат луѓе што не потекнуваат од ЕУ.
Британската економија дополнително е оптоварена со порастот на цените на енергијата. Од април до јуни 2022 година, БДП падна за 0,1 отсто во однос на првиот квартал на тековната година.
Централната банка на Велика Британија прогнозира до крајот на годината земјата да се најде во рецесија, која би траела во текот на 2023 година. Цените на производите пораснале за 9,4 отсто. Централната банка прогнозира инфлацијата до крајот на 2022 година да порасне над 13 отсто.