По Ајфеловата кула и другите култни париски згради – дворците Лувр и Версај – ќе се откажат од надворешното осветлување. Тоа е симболична мерка потребна за да се сврти вниманието кон енергетската криза – изјави денеска француската министерка за култура Рима Абдул Малак.
– Од вечерва пирамидата на Лувр наместо до 1 часот по полноќ ќе биде осветлена до 23 часот – најави таа.
Слична одлука веќе е донесена и за Ајфеловата кула и Хотел де Вил, чии светла ќе се изгаснат порано од вообичаено.
– Почнувајќи од следната недела ќе ги гасиме светилките на фасадата на замокот во Версај во 22 часот, односно еден час порано – додаде министерката.
И покрај овие „симболични мерки“, таа повика на поконкретни акции за еколошка транзиција во музеите, кината, театрите и сите културни објекти во Франција.
– Музејот Орсе во Париз, на пример, ја намали потрошувачката на енергија за една третина само со менување на светилките и префрлување на лед диоди. Се обидуваме да го направиме тоа во сите музеи. Разговараме и за замена на проекторите во кината. Доколку се префрлат на ласер, може значително да се намали потрошувачката на енергија – рече Абдул Малак.
Цените на енергијата драматично се зголемија во последните месеци поради руската инвазија на Украина и се прават многу напори за намалување на енергетските ресурси.