Во текот на најважниот христијански празник Украинците се свртеа кон вековните велигденски традиции, во сенка на војната што донесе уништување и тага во државата, пишува „Њујорк тајмс“.
– Годинава нема многу среќа на лицата на луѓето. Многумина жалат, многумина мажи се на фронтот – вели Мирослава Захаркив во изјава за американскиот весник, нагласувајќи дека подготвила храна што ќе ја однесе на благослов во црква.
Многумина Украинци се решени да ја почитуваат традицијата и покрај опасноста и неизвесноста со кои се соочуваат.
– Се надеваме дека нема да има бомби и сирени, но никој не знае што ќе се случи, па малку сме исплашени – посочи 48-годишната Украинка.
Ана Мукоида (22) нагласи дека ова е првиот Велигден што го поминува одвоена од семејството што останало во Бела Црква, град на околу 80 километри од Киев, откако таа избегала во Черновци во југозападниот дел од државата.
– Велигден во време на војна е како сонце на дождлив ден. Важно е да имаме такви денови за да се чувствуваме живи и да се потсетиме дека имаше живот пред војната – кажа Мукоида.
Неонила Водолска (22) исто така е раздвоена од семејството.
– Сега потполно ја разбирам важноста од зачувување на ваквите традиции. Правење на нешто вообичаено, славењето ме потсетува на добрите времиња, на моето детство и ми дава надеж – порача Водолска.
Во поголемиот дел од државата имаше полициски час во очи на Велигден, при што многумина планираа да ја проследат велигденската литургија на телевизија. На неколку цркви во Киев им беше дозволено да одржат богослужби во затворено, при кои верниците беа во верските објекти од 11 часот навечер во саботата до пет часот изутрина во неделата.