Динамичната, но и немилосрдна глобална „игра на тронови“ и борбата за енергентите не престануваат. Голема е веројатноста дека таа никогаш и нема да престане. Според многу енергетичари, важноста на јаглеводородните енергенти е преголема за да бидат испратени во ѓубриштето на историјата. И нафтата и гасот биле, а и сѐ уште се во игра. Имено, дизелот и керозинот се тие што ги придвижуваат воените машини – без исклучок, без разлика дали станува збор за воениот арсенал кај т.н. „пуристички“ земји, чувствителни на екологија и штетни емисии на јаглерод диоксид, или за т.н. „бруталистички“ земји, чиј фокус на фосилните горива е цврст и уште долго време ќе биде така
Енергентите, геостратегијата и прашањето на сферите на влијание на светските сили
Една од одлуките на 20-от Конгрес на Кинеската комунистичка партија што траеше десетина дена е забраната кинеските државни компании да препродаваат зимски контингенти ЛНГ во Европа и во Азија, со цел да се обезбеди снабдување на Кина за претстојната грејна сезона. Имено, кинеската Национална комисија за развој и реформи апелираше до државните компании „Петро Чајна“, „Синопек“ и ЦНООЦ да ги остават зимските контингенти со ЛНГ во Кина за домашна употреба. Пред тоа, овие државни компании препродадоа дел од контингентите на европскиот пазар, кој брзаше со полнење на складишта за гас во светлината на намалените руски испораки.
Европскиот пазар сѐ уште е „гладен за гас“
Капацитетот за складирање на земјите од ЕУ сега е исполнет околу 92 отсто, што би требало да биде доволно до три месеци, по што ќе мора да се купува гас. А пазарот на гас е сè понестабилен и е под сѐ поголемо влијание на глобалните геополитички процеси.
На пример, пред неколку дена Американската агенција за енергетика предупреди дека цената на гасот значително ќе порасне за американските потрошувачи, а доколку зимата биде поостра од предвидената, овие поскапувања би можеле да надминат 50 проценти. Што се однесува до Европската Унија, нејзината влада, односно Европската комисија (ЕК) ветува дека ќе воведе механизам што ќе ги запре флуктуациите на цените (горната граница за гас, на која Москва силно се противи и се заканува дека целосно ќе го запре снабдувањето со гас во ЕУ). Така, Европската комисија (ЕК) дефинитивно се откажа од тоа изминативе денови, меѓутоа, сегашните резерви на ЛНГ не можат целосно да го покријат недостигот од гас во зима, а „зимските цени“ остануваат високи.
На Далечниот Исток, Јапонците го вратија во живот рускиот проект „Сахалин 1 и 2“, првиот за нафта, вториот за ЛНГ
Нафтениот проект „Сахалин-1“ сè уште стои, а причината е одбивањето на американскиот оператор „Ексон мобил“ (најголемиот акционер во тој проект) да испорача нафта за танкерите на рускиот „Совкомфлот“, кој е под санкции. Но проектот „Сахалин-1“, односно производството на нафта, продолжува. Намалено за апроксимативно 22 пати, но сепак продолжува црпењето нафта. „Роснефт“ за таа состојба го обвини американскиот „Ексон мобил“, кој поседува 30 отсто од уделите и кој управува со проектот преку „Ексон нефтегас Лтд“. „Сахалин-1“ е започнат од рускиот нафтен гигант „Роснефт“, американскиот „Ексон мобил“, индискиот ОНГЦ и јапонскиот конзорциум СОДЕЦО, а производството на нафта таму, секако, продолжи. Во врска со тоа, јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека „проектите ’Сахалин-1‘ и ’Сахалин-2‘ се важни за енергетската безбедност на Јапонија“.
Имено, „ако првиот проект е еден од изворите на нафта за Јапонија, тогаш вториот е главно ЛНГ, кој јапонските компании го добиваат со долгорочни договори – а таа цена, секако, е под пазарната“. Дополнително, јапонскиот конзорциум СОДЕЦО има 30 отсто удел во „Сахалин-1“, а „Мицуи енд ко“ и „Мицубиши корп“ имаат 12,5 отсто и 10 отсто соодветно во „Сахалин-2“.
Во истиот контекст, за издвојување е дека во новонастанатата ситуација со енергентите (санкциите кон Русија), споменатите јапонски компании одбија да ги повлечат своите удели, а само британско-холандската „Шел“ се повлече, не можејќи да им се спротивстави на строгите западни антитурски санкции воведени по 24 февруари, односно со почетокот на „руската специјална воена операција“.
Според порталите „Маринетрафик“ и „Веслфајндер“, во текот на трите недели од октомври во пристаништето Пригородноје, каде што се наоѓа терминалот за ЛНГ, ќе бидат извршени 12 испораки: девет се веќе извршени, а се очекуваат уште три. Вкупното количество течен гас ќе надмине милијарда кубни метри, додека лани просечното ниво беше 900 милиони на секои три недели. Се чини дека половина од контингентот оди во Јапонија, а остатокот во Јужна Кореја и во Кина.
Европа е најпрофитабилниот пазар на гас
Земјите од ЕУ го зголемија увозот на руски течен гас за 50 отсто. Дури и гасот наменет за Индија отиде во Европа. Европа во првите девет месеци од годинава увезла речиси 88 милијарди кубни метри гас ЛНГ и 15 милијарди кубни метри руски ЛНГ, што е повеќе од минатата година!
– Во 2021 година… што се однесува до Русија, 20 отсто (од увозот во ЕУ) беше 10 милијарди кубни метри, а 17 отсто оваа година се 15 милијарди кубни метри – изјави за новинарите портпаролот на Европската комисија, Тим Мекфи. Според него, вкупниот удел на рускиот гас (вклучувајќи го и гасоводот) е намален од 40 отсто на 7,5 отсто од крајот на февруари.
Најголеми европски клиенти на рускиот арктички проект од Јамал (односно „Јамал ЛНГ“, со капацитет од 23 милијарди кубни метри), се шпанската „Натурџи“ (3,2 милијарди кубни метри годишно) и француската „Тотал енерџис“ (5,5 милијарди кубни метри).
Рускиот ЛНГ е „привлечен“ затоа што не спаѓаше во новиот механизам за порамнување, како гасоводот, и се плаќаше според старата шема во долари и евра. Покрај тоа, транспортното растојание од полуостровот Јамал е помало, на пример, од САД, што влијае на трошоците за транспорт.
Динамичната, но и немилосрдна глобална „игра на тронови“ за енергентите не престанува. Голема е веројатноста дека таа некогаш ќе престане. Важноста на јаглеводородните енергенти е преголема за да бидат испратени во ѓубриштето на историјата. И нафтата и гасот биле и сѐ уште се во игра. Имено, дизелот и керозинот се тие што ги придвижуваат воените машини – без исклучок, без разлика дали станува збор за воениот арсенал кај т.н. „пуристички“ земји, чувствителни на екологија и штетни емисии на јаглерод диоксид, или за т.н. „бруталистички“ земји, чиј фокус на фосилните горива е цврст и уште долго време ќе биде така.
БИЛ ГЕЈТС ЈА ПОТРЕСЕ СВЕТСКАТА ЈАВНОСТ
„Кризата во Европа е добра на долг рок“
Европската гасна криза, всушност, е „добра на долг рок“, изјави за Си-ен-ен коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс. Тој објасни дека тоа на крајот ќе го принуди континентот да ја прифати обновливата енергија, додавајќи дека „луѓето нема да сакаат да бидат зависни од рускиот природен гас“.
Гејтс призна дека јавноста „стана помалку оптимист за тоа колку брзо може да се изврши транзицијата (на обновливата енергија)“, признавајќи ја потребата да се најдат „неруски извори на јаглеводороди“. Елаборирајќи го ова прашање, основачот на климатско ориентираниот фонд „Брејктру енерџи венчрс“ објави есеј со наслов „Состојбата на енергетската транзиција“ на својот блог истиот ден. Зборувајќи за глобалните емисии на стакленички гасови, Гејтс истакна дека крајната цел „од 51 милијарда тони годишно на нула“ треба да се постигне „во следните три децении“.
Милијардерот инсистираше на тоа дека не би било во ред да се „одземат сите пари од секторот (фосилни горива)“, бидејќи „со помош на нив луѓето денес може да дојдат на работа и да избегнат смрзнување до смрт во зима“. Меѓутоа, рече тој, не може да им се верува на пазарите дека сами ќе тргнат кон обновливите извори на енергија – „потребен е план за забрзување на процесот“.
Опишувајќи го својот план, тој рече дека треба да се измислат нови технологии за чиста енергија и да се зголемат на „фер“ начин што нема да ги остави на цедило земјите во развој. Ќе биде неопходно да им се помогне на луѓето да се приспособат на новите околности со финансирање индустрии како што е „науката за приноси“, во која Гејтс и неговата фондација инвестираат.
ЕУ неодамна се согласи да ја намали побарувачката на гас за 15 отсто оваа зима „со цел да се подготви за можни прекини во испораките на гас од Русија“. Меѓутоа, на почетокот на овој месец, германскиот регулатор за природен гас откри дека земјата, всушност, користела 14,5 отсто повеќе гас во септември од петгодишниот просек, предупредувајќи дека недостигот е неизбежен доколку потрошувачите не ја намалат потрошувачката.
Подготвил: Mарјан Велевски