Рускиот претседател Владимир Путин за време на редовното годишно обраќање во рускиот парламент рече дека го суспендира учеството на Русија во Договорот за ограничување и контрола на нуклеарното оружје, новиот „Старт“, договорен со САД. Со тоа, тој го стави „ад акта“ последниот преостанат пакт што ги регулира двата најголеми нуклеарни арсенали во светот

ШТО ЗНАЧИ СУСПЕНЗИЈАТА НА ДОГОВОРОТ ЗА КОНТРОЛА НА НУКЛЕАРНОТО ВООРУЖУВАЊЕ ОД СТРАНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РУСИЈА

Договорот за ограничување и контрола на нуклеарното оружје, новиот „Старт“ беше потпишан од поранешните претседатели Обама и Медведев во април 2010 година. Тој стапи во сила во февруари 2011 година и требаше да трае до февруари 2026 година. Со него САД и Русија се обврзаа да немаат повеќе од 700 интерконтинентални балистички ракети на копно и како вооружување на нуклеарните подморници и дека заедно со стратегиските бомбардери нема да имаат повеќе од 1.550 нуклеарни боеви глави.

Суспензијата не значи повлекување од договорот

Претседателот на Русија, Владимир Путин, не најави повлекување од договорот, туку само негово суспендирање. Што би значела, всушност, оваа суспензија? Во практика, според познавачите, таа суспензија вклучува недозволување редовни инспекции на руските нуклеарни сили за да се утврди дали Москва го почитува договорот.
Суспензијата би можела да се прошири и на воведување нови интерконтинентални балистички ракети во оперативна употреба без Москва да ги демонтира старите и со тоа да излезе од договорените ограничувања. Без можност за директен инспекциски надзор, единствени средства за контрола ќе бидат надзорот од сателити и разузнавачката работа, што само ќе резултира со зголемување на недовербата во и онака заладените односи.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен го опиша овој потег на Путин како „лош и неодговорен“. Тој рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден останува подготвена да разговара за договор со Русија „во секое време, без оглед на тоа што се случува на друго место во светот“.

Идните чекори на САД

– Ние внимателно ќе набљудуваме што всушност прави Русија. Се разбира, ќе се однесуваме соодветно и ќе се обидеме да ја обезбедиме безбедноста на САД и нивните сојузници. Мислам дека е важно да продолжиме да се однесуваме одговорно во врска со ова прашање. Тоа е она што остатокот од светот го очекува од нас – рече Блинкен.
Американските власти наведуваат дека Русија досега постојано одбивала да дозволи инспекции на нејзините нуклеарни постројки.
– Русија не ја исполнува својата обврска од новиот договор „Старт“ и не ги олеснува инспекциските активности на својата територија. Одбивањето на Русија да дозволи инспекција ги спречува САД да ги остварат важните договорни права и ја загрозуваат одржливоста на американско-руската контрола на нуклеарното оружје – изјави во јануари портпаролот на Стејт департментот на САД.
Кон крајот на ноември минатата година во Египет требаше да се одржи седница на Билатералната консултативна комисија за договорот, но таа ненадејно беше откажана. САД ја обвинија Русија за ова одложување.

Ѕвечкање со нуклеарниот арсенал

Споменувањето на нуклеарно оружје од највисоките државни позиции од Кремљ за време на војната во Украина ги вознемири САД и Западот, иако официјални лица повеќепати рекоа дека тоа се празни закани. Во декември, рускиот претседател предупреди на зголемената закана од нуклеарна војна, а овој месец Дмитриј Медведев, заменик-шефот на Советот за безбедност на Русија, повторно истакна дека поразот на Русија во војната може да „предизвика нуклеарен конфликт“.
„Нуклеарните сили не губат големи конфликти од кои зависи нивната судбина. Ова треба да им биде јасно на сите. Дури и на западен политичар што зачувал барем некаква трага од интелигенцијата“, напиша Медведев на Телеграм.
Иако американските разузнавачки служби во ноември сугерираа дека руските воени претставници разговарале за околностите под кои Русија би употребила тактичко нуклеарно оружје во Украина, САД досега не виделе никакви индикации дека претседателот на Русија ќе преземе таков драстичен чекор.

Си Џинпинг планира да се сретне со Путин во Москва

Кинескиот претседател Си Џинпинг планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва во наредните месеци, објави во вторникот „Волстрит журнал“, повикувајќи се на извори запознаени со планот. Средбата на Си со Путин ќе биде поврзана со напорите за воспоставување мировни преговори меѓу повеќе земји, а Кина ќе го повтори апелот да не се користи нуклеарно оружје.
Подготовките за патувањето се во рана фаза и времето сè уште не е финализирано, пишува весникот, додавајќи дека Си може да ја посети Москва во април или на почетокот на мај, кога Русија ја слави победата над Германија во Втората светска војна.
Високиот кинески дипломат Ванг Ји пристигна во Москва во вторникот, бидејќи се чини дека земјата ги засилува своите дипломатски напори за притисок за мировно решение во Украина. Коинциденција или не, само неколку часа подоцна, претседателот на Русија објави дека Москва го суспендира своето учество во договорот за нуклеарно оружје со Соединетите Американски Држави. Ванг најверојатно ќе разговара за патувањето на Си додека е во Москва, додава „Волстрит журнал“, цитирајќи луѓе запознаени со планот.
„РИА новости“ објави дека Ванг исто така изјавил во Москва дека врските меѓу Москва и Пекинг се „цврсти како карпа“ и ќе ги издржат сите предизвици што може да ги постави меѓународната ситуација. Ванг се сретна со шефот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев, близок соработник на Владимир Путин. Патрушев му рекол на шефот на кинеската дипломатија дека Кина е приоритет на руската надворешна политика и дека двете земји мора да соработуваат против Западот, пренесоа руските агенции. Според РИА, Патрушев исто така му рекол на Ванг дека Москва ја поддржува позицијата на Кина за Тајван, Хонгконг и Ксинџијанг.
– Во контекст на кампањата што ја води колективниот Запад за да ги потисне и Русија и Кина, од особено значење е натамошното продлабочување на руско-кинеската соработка и интеракција на меѓународно ниво – рекол Патрушев на средбата.
Се очекува Си Џинпинг утре да одржи говор во Кина по повод годишнината од руско-украинскиот воен судир. Според извори од кинеските медиуми, тој ќе биде насочен кон наоѓање мировно решение за конфликтот со активно инволвирање на Кина.

Подготвил: Mарјан Велевски