Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп побарал Украина да ја предаде целосната контрола врз регионот Донецк како предуслов за завршување на војната, ексклузивно дознава американскиот весник „Вашингтон пост“. Американскиот претседател досега јавно не го споменал овој услов.
Според двајца високи функционери запознаени со содржината на разговорите со кои „Вашингтон пост“ бил во контакт, Путин му рекол на Трамп дека би бил спремен да се откаже од делови од регионите Запорожје и Херсон во замена за Донецк, кој го смета за клучен за безбедноста на Русија.
Изворите велат дека Трамп не го прифатил ова барање, ниту јавно го поддржал по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа.
– Време е да се запре убивањето и да се постигне договор. Многу крв е пролеана – нека двете страни прогласат победа и нека историјата суди – рече Трамп на социјалните медиуми, сугерирајќи дека конфликтот треба веднаш да престане на сегашните фронтови.
Украинските сили се длабоко вкоренети во областа Доњецк и ја сметаат за клучна за одбрана на Киев од понатамошни руски напредувања. Проруските сепаратисти држат делови од регионот од 2014 година, но никогаш не биле во можност целосно да го освојат.
Извори од Белата куќа велат дека понудата е помалку тешка од онаа што Путин ја даде во август на состанокот во Анкориџ, но европските дипломати предупредуваат дека Украина нема да се согласи со неа.
Фронтовите линии во Украина се во голема мера замрзнати повеќе од една година, а Русија моментално контролира околу една петтина од украинската територија. Украина го поддржува повикот на Трамп за прекин на огнот по постојните линии, но инсистира на безбедносни гаранции од Западот за да се спречи уште еден руски напад.
Трамп размислуваше за испраќање моќни ракети „Томахавк“ во Украина пред состанокот, но се чини дека се повлече по телефонскиот разговор со Путин во четврток. Зборувајќи пред јавноста во петокот заедно со Зеленски, Трамп рече дека се надева оти војната ќе заврши без да мора да ги испраќа ракетите.
На прашањето дали Путин можеби се обидува да купи време, Трамп рече дека не е загрижен.
– Целиот мој живот, најдобрите се обидуваа да ме надмудрат, а јас секогаш излегував победник – рече тој, додавајќи дека е „во ред“ ако работите потраат малку подолго.
– Но, мислам дека сум доста добар во овие работи – додаде Трамп.
Следната средба меѓу Трамп и Путин е закажана за Будимпешта, најверојатно во последната недела од октомври, а исходот би можел да одреди дали Украина ќе влезе во зимата со мир – или со нова рунда војна.