По настаните на 23 и 24 јуни, точната локација на групата Вагнер, како и нејзината натамошна улога остана нејасна. Според договорот со Кремљ, лидерот на групата Вагнер, Пригожин, требаше да се пресели во Белорусија, а неговите луѓе (некои беа и затвореници, чија затворска казна е заменета за активно да се вклучат во воениот судир, на страната на Русија) добија опција да се преселат со лидерот Пригожин во Белорусија, да им се приклучат на руските редовни вооружени сили или, пак, да си одат дома.
Меѓутоа, белорускиот претседател Александар Лукашенко во четвртокот рече дека Пригожин и илјадници негови борци сè уште се во Русија. Тоа повторно го отвори прашањето за спроведувањето на договорот меѓу Кремљ и Вагнер.
Висок претставник на Вагнер, идентификуван како Антон Јелизаров, чие борбено име е Лотус, изјави дека „борците на Вагнер сега одат на одмор до почетокот на август, по наредба на Пригожин, пред да се преселат во Белорусија“.
– Мораме да подготвиме бази, терени за обука, да се координираме со локалните власти и администрации, да организираме интеракција со агенциите за спроведување на законот на Белорусија и да воспоставиме логистика – рекол тој.
Јелизаров рече дека немало обид на руските безбедносни сили да „се судрат“ по борците на Вагнер, по последните настани на конфронтација.
Запрашан за неодамнешните напади врз Пригожин од руските државни медиуми, Јелизаров рече дека тие се обид на дел од рускиот воен естаблишмент да забие клин меѓу водачот на платениците и неговите борци од Вагнер.
Советник на белоруското министерство за одбрана во петокот изјави дека никој од групата Вагнер сè уште не влегол во напуштениот воен камп што Лукашенко го понудил за користење на борците.
Што се однесува до лидерот на Вагнер, Пригожин, впечаток на јавноста е дека тој бил „невообичаено тивок во последните две недели“. Имено, тој нема објавено на неговиот претходно омилен канал Телеграм – „Прес-служба на Евгениј Пригожин“ – ништо од 26 јуни, кога ги бранеше акциите на неговите борци.
Кремљ официјално соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин се сретнал со шефот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, и со неколку команданти на Вагнер. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека во тричасовната средба, претседателот на Русија ја дал својата оцена „за настаните од 24 јуни“, а од друга страна, командантите на Вагнер поднеле свои извештаи за тоа што се случило. Песков изјави дека командантите на Вагнер ветиле дека ќе продолжат да се борат за Русија.