Откако по парламентарните избори од пред десетина дена ниту една од партиите не го доби потребното мнозинство за формирање влада, Грција и официјално влегува во нов предизборен период. Следните избори ќе се одржат на 25 јуни.
Само 22 часа по отворањето, како што се очекуваше, грчкиот парламент се распушти. Претседателката и премиерот го потпишаа соодветниот претседателски декрет, по што и официјално беа распишани изборите, а лидерите на партиите започнуваат со предизборните кампањи и митинзи низ државата.
Втор пат во поновата грчка историја, Парламентот да се отвори на само еден ден. Пратениците кои ја добија довербата од граѓаните имаа мандат пократок од 24 часа.
Во неделата попладне новите 300 пратеници положија свечена заклетва, вчера беа избрани претседателот на парламентот, замениците и секретарите и следеше протоколарната постапка на објавување на претседателскиот декрет на влезната врата на парламентот, со што беше означен почетокот на предизборниот период.
Според декретот, новиот парламентарен состав што ќе произлезе од изборите, првата седница ќе ја одржи на 3 јули, точно 8 дена по изборите.
Се очекува дека по 25 јуни, доколку се повторат резултатите од претходните избори, во комбинација со новиот изборен модел што предвидува бонус пратеници за првата партија, Нова демократија ќе успее да формира еднопартиска Влада.