Фото: ЕПА

Изборот за претседател на Полска во личноста на Карол Навроцки, според мислењата на консултираните политиколози, „одговара на реализмот во меѓународните односи, кој го признава националниот суверенитет и не бара негово укинување“. Навроцки инсистира на значајна ревизија на либералната идеологија, ако не и за целосно нејзино демонтирање. Според соговорниците, Навроцки, многу слично на трампизмот, не признава „границите на националните држави да се разводнат или да се бришат или да се пренесат овластувањата на наднационалните власти (на пр. на ЕУ)“. Навроцки, како и Трамп, инсистира на зачувување на националните држави и нивна интеграција во цивилизациите!

И Полска во веригата за уривање на либералите и глобалистите во Европа

Карол Навроцки, независен кандидат поддржан од суверенистичко-антилибералистичко ориентираната опозициска партија Право и правда (ПиС), беше избран за нов претседател на Полска во вториот круг од изборите. Резултатите беа објавени вчера рано наутро на веб-страницата на Националната изборна комисија.
Навроцки доби 10.606.628 гласа (50,89 проценти), додека неговиот противник Рафал Тшасковски, либерално ориентираниот политичар и градоначалник на Варшава, поддржан од владејачката Граѓанска платформа (ПО), освои 10.237.177 гласа (49,11 проценти). Одзивот на национално ниво беше 71,63 процент, што е највисок одзив на претседателски избори во историјата на Полска.

Кој е Навроцки?

Навроцки, 42 години, е историчар, конзервативец и традиционалист. Тој е поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп и поддржувач на Трамповото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“. Навроцки поддржува борба против неолибералните идеологии и европските актуелни елити.
За време на кампањата, Навроцки постојано се спротивставуваше на членството на Украина во НАТО и нагласуваше дека безбедносните интереси на Полска се со Вашингтон.
– Како претседател, ќе изградам полско-американски сојуз и нема да се согласам ЕУ да стане замена за НАТО – додаде Навроцки. Повторувајќи го наративот на Трамп и искористувајќи го растечкиот замор на гласачите, Навроцки тврдеше дека интересите на етничките Полјаци треба да имаат предност пред оние на украинските бегалци. Р.С.


И претходниот претседател на Полска беше силен и принципиелен
коректор и противник на неолибералните тенденции

И Анджеј Дуда беше заштитник на традиционалните вредности

Во последните десет години, Анджеј Дуда беше претседател на Полска. Тој ги освои претседателските избори во 2015 и 2020 година како кандидат на ПиС. Дуда одигра важна улога во спречувањето на потезите на Туск во последните месеци. Во декември 2023 година, коалицијата на Туск ја замени национално-конзервативната партија Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински на власт по осум години. Со тоа, надежите за брзи промени по неолибералната матрица, на либералите беа големи. Имено, либералните сили во изборната кампања, ветија „враќање на владеењето на правото, либерализација на законите за абортус и повеќе права за хомосексуалците“. Тие, исто така, сакаа да ги реформираат јавните медиуми во насока на задолжителна „поддршка на владините мејнстрим-политики и како такви, да бидат инкорпорирани во уредувачките политики на медиумите, како единствени и вистински“.
Но наскоро стана јасно дека повеќето обиди за реформи не успеваат поради отпорот на суверенистичкиот претседател Дуда. Имено, токму Дуда го искористи своето право на вето или ги проследи законските предлози на владата до Уставниот суд, кој реагираше принципиелно и во рамките на Уставот. Според тоа, внатрешнополитичкото неолиберално влијание на владата на Туск по година и пол на власт остана – скромно. Р.С.