Тврди украинската државна телевизија
Мостот „Антоновскиј“, најблискиот премин што ги поврзува украинскиот град Херсон и источниот брег на реката Днепар е урнат, јави денеска украинската државна телевизија, цитирајќи локални жители.
Телевизијата објави и фотографија на која се гледаат урнатите делови од мостот. Следниот најблизок патен премин преку Днепар е на повеќе од 70 километри од Херсон. Причината за уривањето не е соопштена.
Украинската агенција Униан пренесе дека мостот наводно бил кренат во воздух. Агенцијата додава дека мостот „Антоновскиј“ бил главната логистичка рута за пренос на опрема и муниција за руските сили на десниот брег на Днепар.
Пред два дена Русија соопшти дека ќе ги повлече своите сили од западниот кон источниот брег на реката Днепар.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска отфрли какви било промени во статусот на Херсонската област во врска со повлекувањето на руските трупи од Херсон на левиот брег на реката Днепар.
На прашање дали е можно да се промени статусот на областа, за која Русија прогласи анексија на крајот на септември, Песков на брифинг одговори дека „Херсонската област е субјект на Руската Федерација и оти тој статус е законски дефиниран и фиксиран“.
– Нема и не може да има никакви промени – изјави Песков, пренесоа руските медиуми.
На прашањето дали ситуацијата кога Русија ги повлекува своите сили на левиот брег на Днепар е понижувачка за рускиот претседател, Песков одговори „не“.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на 9 ноември се согласи со предлогот на командантот на руските сили во Украина, Сергеј Суровикин, руските сили да се повлечат на левиот брег на Днепар и таму да ја организираат одбраната.