Виктор Орбан - Фото: „Нова Македонија“

Унгарија ќе ги употреби „сите мерки и средства“ што и се на располагање за да ја принуди Украина да продолжи да испорачува руска нафта, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

– Го запревме … извозот на дизел во Украина, сè уште го одржуваме извозот на електрична енергија. Ќе ги запреме транзитните пратки што минуваат низ Унгарија, кои се важни за Украина … сè додека не добиеме одобрение од Украина за испорака на нафта – наведе Орбан.

Тој повторно го обвини Киев дека ја уценува Унгарија. Според него, нема технички проблеми со нафтоводот „Дружба“ за да овозможи достава на руска нафта.

– Имаме договор со Русите, редовно плаќаме, а Украина со меѓународен договор се обврза дека ќе дозволи трансфер на нафта. Ова е однесување на бандити: тие преземаат меѓународна обврска во меѓународен договор, а потоа не ја почитуваат за да ја уценуваат Унгарија. Она што се случува денес е државен бандитизам и ние мора да најдеме соодветни мерки за тоа – посочи Орбан.

Тој додаде дека не може Украина да ја уценува Унгарија, а да очекува Будимпешта во Брисел да носи финансиски одлуки за поддршка на Киев, пренесува МИА.

– Украинците побрзо ќе остане без пари отколку Унгарија без нафта – потенцира Орбан.

Украинската Влада синоќа ја обвини Унгарија дека држи група украински банкарски службеници како „заложници“. Според Киев, тие транспортирале „35 милиони евра и 9 килограми злато“ низ Унгарија.