Фото: Министерство за одбрана на Украина

Неуспехот на наводната украинска контраофанзива може да доведе до намалување на западните испораки на оружје за Киев и до нови повици за преговори, пишува американското издание на магазинот „Политико“ во написот насловен „Тимот на Бајден стравува од последиците од неуспешна украинска контраофанзива“.

„Политико“ се повика на изјавата на директорката на американскиот истражувачки центар „Атлантик совет“, Клементин Старлинг.

– Европската јавна поддршка може да опаѓа со текот на времето бидејќи европските енергетски и економски трошоци остануваат високи. Раздорот во трансатлантската поддршка за Украина веројатно негативно ќе влијае на американската поддршка, а и Конгресот и администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден би можеле да се соочат со проблеми во борбата за нејзино продолжување – рече Старлинг.

Таа е сигурна дека во случај на неуспешна контраофанзива, европските земји ќе почнат да го охрабруваат Киев да преговара со Москва.

– Неуспешната контраофанзива ќе отвори дополнителни прашања за тоа како ќе изгледа исходот од војната и до кој степен всушност може да се постигне решавање на конфликтот само со дополнително испраќање оружје и помош – заклучи Старлинг.

„Политико“ наведува, повикувајќи се на извори во Белата куќа, дека администрацијата на Бајден стравува оти неуспешната контраофанзива на Киев може да доведе до критики на американскиот претседател.

– Администрацијата на Бајден тајно се подготвува за можноста, доколку пролетната контраофанзива на Украина не ги оправда очекувањата, критичарите дома и сојузниците во странство ќе тврдат дека и Америка не успеала да ги исполни очекувањата – се вели во анализата на „Политико“.

Белата куќа стравува не само од незадоволство во земјата, туку и од незадоволство кај странските колеги.

Премиерот на Украина Денис Шмигал на почетокот на месецов изјави дека украинската контраофанзива би можела да започне налето, а подоцна истакна дека тоа може да се случи „наскоро“. Американските медиуми објавија дека украинската офанзива наводно била закажана за 30 април.