Украинските безбедносни сили тврдат дека ја вратиле контролата врз градот Чурхиев, југоисточно од Харков.
Украинскиот Генералштаб на Фејсбук објави дека армијата го презела градот од руските војници и им нанела големи загуби на руските сили за време на битката.
Украинските власти исто така тврдат дека во битката за овој град загинале двајца високо рангирани руски воени команданти, јави „Би-би-си“, додавајќи дека не може да ја потврди вистинитоста на тврдењето.
Чурхиев има 31.000 жители и е стратешки важен бидејќи се наоѓа на 37 километри од Харков, вториот по големина град во Украина.
Руските трупи рано изутринава со оган од повеќецевни фрлачи го ракетирале јужниот украински град Николаев.
Гранатирањето почнало околу 5 часот изутринава по локално време, објавуваат агенциите пренесувајќи информации на локалниот медиум „Њуз-Н“.
Населението на Николаев јавува дека експлозии се слушаат во сите делови на градот и наводно огнот доаѓа од две насоки истовремено. На социјалните мрежи граѓаните објавуваат дека во одредени делови на градот нема електрична енергија.
Градоначалникот на Николаев, Олександр Сенкевич, потврдува дека руските сили утрово го бомбардирале градот, притоа објавувајќи на својот фејсбук-профил дека руските сили гаѓале станбени згради споделувајќи снимка на зграда во пламен.
– Во градот има многу неексплодирани гранати. Не приближувајте се, не допирајте ги и не обидувајте се да ги поместувате – предупредува Сенкевич.