Украинските сили напредуваат во јужните сектори на својата контраофанзива против руските окупаторски трупи, соопштија синоќа украински воени претставници.
Последниот извештај за контраофанзивата беше објавен откако украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека движењето во контраофанзивата е „најважното нешто“.
– Секој војник, секој нов чекор што го правиме, секој метар украинска земја ослободена од непријателот е од најголема важност – рече синоќа Зеленски во своето редовно видеообраќање.
Епицентарот на борбите во Украина се префрли на патот кон Мариупол, каде украинската офанзива полека ги потиснува назад руските сили, а британските тенкови Челинџер се подготвени за битка, изјави украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малиар.
Според неа, најактивните борби повеќе не се водат околу Бахмут, во источниот регион на Донецк, туку на југ, во правец на два крајбрежни града, Бердјанск и Мариупол.
– Ако во првата недела епицентарот беше на исток, сега гледаме дека борбите се движат кон југ и сега гледаме дека најактивни области се Бердјанск и Мариупол. На исток, непријателот ги насочи сите свои сили да ја запре нашата офанзива. И таму собираат сили да не спречат. Тие не се многу успешни на југ – информира Малиар.
Светските агенции нагласуваат дека не може да се потврди ситуацијата на бојното поле. Русија официјално не го признава напредокот на Украина во раните фази на контраофанзивата и тврди дека им нанела големи загуби на силите на Киев во изминатите 24 часа.