Украина се соочува со огромна хуманитарна криза оваа зима доколку не спречи колапс во снабдувањето со електрична енергија предизвикан од непрестајните руски бомбардирања, изјави шефот на државната енергетска компанија. Володимир Кудризки рече дека се погодени речиси сите големи ненуклеарни централи во земјата, како и повеќе од 30 отсто од трафостаниците во мрежата.
– Ситуацијата е критична. Ова е најголемиот ракетен напад врз електрична инфраструктура во историјата. Влијанието врз мрежата е огромно. За жал, ситуацијата е критична. Тие постојано се обидуваат да го уништат електроенергетскиот систем на Украина, кој снабдува десетици милиони луѓе. Доколку продолжат руските напади, прекините на струја во Украина ќе стануваат подолги и подолги, предупреди Кудризки, додавајќи дека и покрај напорите на Укренерго, не е можно да се поправи мрежата толку брзо како што се уништува. Очигледно е многу полесно да се лансираат проектили отколку да се обноват трафостаници. Пред овие напади, главната цел беше да се снабдува онолку енергија колку што им е потребно на потрошувачите. Меѓутоа, сега зборуваме дали системот воопшто ќе опстане – изјави Кудризки за „Гардијан“, додавајќи дека Украина минатата недела побарала од западните земји неопходни резервни делови и ги повторила повиците за повеќе системи за противракетна одбрана за да се спречат нападите.
Електрична енергија е потребна и за одржување на снабдувањето со гас, вели Кудризки.
– Ако потрошувачите поминуваат премногу време без струја и ако системите за греење немаат приклучок за струја, тоа ќе создаде големи проблеми. Русија сака да создаде хуманитарна катастрофа во Украина – додаде тој.
Властите во главниот град на Украина, Киев, подготвуваат повеќе од илјада грејни пунктови низ градот во случај неговиот систем за централно греење да биде онеспособен поради континуираните руски напади, изјави градоначалникот Виталиј Кличко.
Нападите со ракети и дронови оштетија 40 проценти од енергетската инфраструктура на Украина и веќе накратко оставија големи делови од Киев без струја и вода, што предизвика рационализација на потрошувачката на електрична енергија.
Кличко преку Телеграм напиша дека градските власти разгледуваат различни сценарија за ракетните напади.
– Најлошо е таму каде што воопшто нема да има струја, вода или греење. За тој случај подготвуваме повеќе од 1.000 пунктови за греење во нашиот град – рече тој.
Локациите ќе бидат опремени со генератори и ќе имаат залихи на неопходни производи како што е вода, додаде тој.
Апелирајќи до Украинците кои веќе ја напуштиле земјата да останат во странство за време на зимата, украинската Влада ја обвини Русија дека предизвикува нова хуманитарна криза со принудување на уште повеќе луѓе да бегаат, преплашени од можноста дека ќе мора да живеат без струја или греење во текот на зимата.