Украина ја доби касетната муниција од САД, изјави денеска украинскиот генерал Олександр Тарнавски, пренесе „Си-ен-ен“.
– Само што ја добивме, сè уште не сме ја искористиле, но таа може радикално да ја промени ситуацијата на бојното поле – изјави Тарнавски за американската телевизија.
Генералот тврди дека Русија знае оти Украина со оваа муниција ќе има предност во војната.
– И непријателот разбира дека ќе имаме предност со оваа муниција. Непријателот ќе го отстапи овој дел од територијата каде што таа може да се употреби – тврди Тарнавски.
Тој посочи дека употребата на оваа муниција е забранета во густо населените области, дури и ако тие се под контрола на руските сили.
– Русите мислат дека муницијата ќе ја користиме во сите области на фронтот. Тоа е многу погрешно. Но, тие се загрижени – рече украинскиот генерал.
Американскиот претседател Џо Бајден минатата недела објави дека донел „тешка одлука“ да одобри трансфер на касетна муниција во Украина.