Заменик-претседателката на украинската Влада, Ирина Верешчук доцна синоќа изјави дека е одбиена руската понуда за предавање на Мариупол.
– Има осум страници на кои пишува за историја и други глупости. Тие го испратија истото писмо до ОН, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и се надеваа дека меѓународните структури ќе реагираат и ќе почнат да вршат притисок врз Украина. Тоа не се случи. МКЦК и ОН разбираат дека тоа е руска манипулација и дека луѓето се држат како заложници – истакна таа.
Украина бара Русите итно да ги отворат хуманитарните коридори.
– Не може да се зборува за никакво предавање, за положување на оружјето. За тоа веќе ја информиравме руската страна. Напишав: Наместо да губите време на осум страници писма, само отворете го коридорот – изјави Верешчук.
Претходно, руското Министерство за одбрана соопшти дека Украина има рок до денеска во раните утрински часови да даде одговор за предавање на Мариупол.