Патувањето на американскиот претседател Џо Бајден во Киев и во Варшава за одбележување на годишнината од избивањето на војната во Украина потенцира уште посериозен предизвик – нова ера на истовремени, а понекогаш и испреплетени конфронтации со нуклеарните ривали Русија и Кина, наведува „Си-ен-ен“.
Откако Бајден вети дека САД ќе ја поддржуваат Украина се додека е потребно, рускиот претседател Владимир Путин во вчерашното обраќање навести можност дека војната би можела да трае со години, што би можело да се одрази и врз посветеноста на Западот на поддршката. Во меѓувреме, Кина внесува сопствени стратешки потези во превирањето помеѓу големите сили. Пекинг го испрати шефот на дипломатијата Ванг Ји во Москва.
– Ваквиот развој на настани не означува дека идните закани за националната безбедност на САД се исти од Пекинг и од Москва. Војната во Украина честопати ги откри руските слабости, додека грижите за кинеската зголемена моќ ќе го преокупираат Вашингтон во поголемиот дел од тековниот век. А двата американски ривали можат да работат на нивните аспирации против интересите и моќта на САД преку заедничка соработка – се вели во анализата на „Си-ен-ен“.
Сегашната нова и комликувана надворешнополитичка слика не е проблем само за американските дипломати. Надоаѓачките предизвици во странство, како и намалувањето на американските резерви со испраќањето на воена помош во Украина, отвораат прашања за воениот капацитет, односно дали е доволно сегашното вложување на САД во сопствената одбрана.
– Дури и додека се соочува со Русија во Украина, Америка бара смирување на најновата криза со Кина поради кинескиот балон што прелета над САД месецов, пред да биде соборен. Засега нема докази дека Кина обезбедува воена поддршка во конфликтот во Украина, покрај нудењето реторичка поддршка за Русија. А идејата за формално сојузништво на Русија и Кина против Вашингтон делува неверојатно, земајќи ја предвид неурамнотеженоста на моќта помеѓу Пекинг и Москва во корист на Кина – заклучува американската медиумска мрежа.