Шпанските власти уапсија високорангиран полицаец откако пронашле 20 милиони евра во ѕидовите на неговиот дом, како дел од истрагата за најголемата заплена на кокаин во историјата на земјата.
Оскар Санчез Гил до неодамна беше шеф на одделот за измама и перење пари на шпанската национална полиција во Мадрид. Полицајците го уапсиле заедно со уште 15 лица, меѓу кои и неговата девојка, која исто така е полицајка, потврдиле од полицијата без да ја именуваат уапсената.
При претресот полицијата пронашла 20 милиони евра скриени во ѕидовите на куќа во Алкала де Енарес, град кој се наоѓа на 30 километри источно од главниот град на Шпанија. Во неговата канцеларија нашле уште еден милион. Тие пари биле скриени во два заклучени плакари.
Санчез Гил и неговата девојка се обвинети за трговија со дрога, перење пари, корупција и учество во криминална организација. Тие беа изведени пред судот во Мадрид и им беше одреден притвор.
Шпанските медиуми јавуваат дека апсењата се поврзани со неодамнешното запленување на 13 тони кокаин што пристигнало во пристаништето Алгесирас од Еквадор, скриено меѓу сандаци со банани.