Турција денеска соопшти дека Русија и Украина постигнале напредок во преговорите за запирање на инвазијата, а двете завојувани страни се блиску до договор.
– Се разбира, помирувањето не е лесно да се постигне додека трае војната, додека се убиваат цивили, но би сакале да кажеме дека сепак импулсот зема замав. Гледаме дека страните се блиску до договор – изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во јужната турска провинција Анталија.
Чавушоглу оваа недела ги посети Русија и Украина, откако Турција, која има силни врски со двете земји, се обиде да се позиционира како посредник.
Анкара беше домаќин на состанокот на руските и украинските министри за надворешни работи во Анталија минатата недела. Чавушоглу додаде дека Турција е во контакт со преговарачките тимови од двете страни, но одби да открие детали од разговорите, бидејќи „ние имаме улога на чесен посредник“.