Турција и претседателот Реџеп Таип Ердоган донесоа одлука за прием на Финска во НАТО, која официјално ќе биде објавена в петок за време на посетата на финскиот претседател, соопштено е денеска во Хелсинки.
– Турците се надеваа дека ќе бидам таму за да го слушнам нивниот одговор кога ќе ја соопштат својата одлука. Се разбира, јас ја прифатив поканата и ќе одам да ги добијам нивните искажани намери – наведе финскиот претседател Саули Ниинисто во изјава.
Турскиот претседател, кој во моментов води кампања за реизбор, од минатата година го блокира пристапот на Финска и Шведска до Алијансата, а веќе утрово посочи дека позитивно ќе одговори на ветувањето дадено во Хелсинки дека земјата ќе влезе во Алијансата.
– Ние ќе го направиме нашиот дел, ќе го почитуваме ветувањето што го дадовме. Ќе се сретнеме со претседателот в петок и ќе го направиме она што го бара нашето ветување – рече Ердоган.
Финска и Шведска заеднички аплицираа за влез во НАТО во мај 2022 година.