Турското Министерство за одбрана синоќа соопшти дека ги бомбардирале курдските бунтовници во северен Ирак поради бомбашкиот напад во Анкара, во кој беа ранети двајца турски војници.
Курдската работничката партија (ПКК), вооружена група која Турција и западните земји ја сметаат за терористичка, ја презеде одговорноста за самоубиствениот напад.
Бомбаш-самоубиец вчера активираше експлозивна направа во близина на Министерството за внатрешни работи во турската престолнина Анкара, неколку часа пред да започне седницата на парламентот по летниот одмор. Полицијата благовремено ги неутрализирала напаѓачите, избегнувајќи поголем инцидент.
Во воведниот говор по повод првата седница на Собранието по летната пауза, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган оцени дека „терористите кои се обидуваат да го уништат мирот и безбедноста во Турција никогаш нема да успеат“.
Нема да дозволиме терористичка организација да ја насочува нашата политика и да го попречува патот на нашата земја“, рече Ердоган.
Двајца терористи, кои со мало возило пристигнале пред влезот на Генералната дирекција на полицијата во Анкара, вчера изутрина во 9 часот и 30 минути по локално време извршиле бомбашки напад. Еден од терористите се разнесе во експлозијата, а другиот е неутрализиран. При престрелката, двајца турски полицајци биле полесно ранети.