ИТАЛИЈА
Се очекува трошоците за увоз на енергија во Италија да се удвојат на околу 100 милијарди евра, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на изјавата на италијанскиот министер за економија Даниел Франко. Рим не може да троши бесконечно за да го ублажи ударот врз економијата, предупреди министерот во говорот на годишниот бизнис-форум Амбросети, додавајќи дека високиот долг го намалува просторот за маневрирање на Италија во иднина.
Според Франк, зголемувањето на трошоците за увоз на енергија за околу 60 милијарди евра, во споредба со минатогодишните нето-трошоци од 43 милијарди евра, ќе изнесува околу 3 отсто од БДП на земјата во 2022 година. Министерот очекува дека неконтролираниот наплив на зголемување на трошоците ќе го избрише италијанскиот вишок во трговијата со остатокот од светот што Италија го бележи во последниве години.
– Значителен дел од куповната моќ пренесуваме во странство – истакна тој.
Што се однесува до увозот на енергија, Италија се потпира на околу 75 отсто од увозот, што ја зголемува нејзината ранливост во време кога во Европа беснее енергетската криза. На почетокот на годинава увезуваше околу 40 отсто гас од Русија, но увозот од оваа земја на почетокот на јули падна на околу 25 отсто, а со тоа Италија ја престигна Германија во намалувањето на увозот на гас од Русија.
Нешто пред говорот на министерот за економија, директорот на италијанскиот државен енергетски гигант „Ени“, Клаудио Дескалчи, изјави дека земјата може да ја преживее зимата и без руски гас. Дескалчи додаде дека италијанските складишта за гас биле полни 54 отсто во јуни и додаде дека до октомври исполнетоста треба да биде од 70 до 80 отсто.
На 31 август, „Ени“ објави дека „Газпром“ ја намали испораката на гас во Италија од 27 милиони кубни метри на 20 милиони кубни метри гас.