Враќање на јагленот и нафтата, и тоа на голема врата?
Конфликтот во Украина предизвика сериозно нарушување во снабдувањето со енергенти, не само на европскиот континент туку речиси и во целиот свет. Особено е критична ситуацијата во земјите од ЕУ, кои во голема мера беа зависни од снабдување со рускиот природен гас, кој беше главен енергент, како за индустријата така и за домаќинствата. Во ситуација кога поради економската блокада што земјите на ЕУ ѝ ја наметнуваат на Русија доаѓа до прекин на снабдувањето со руски гас, истовремено започна и трката на европските држави за енергенти
Претстојнава зима би можела да доведе до недостиг од енергетски ресурси. Така барем анализираат и констатираат повеќето од стручните светски списанија за енергетика, предвидувајќи не трка, туку беспоштедна „тотална војна“ за енергенти.
Вообичаено, најтешките последици ќе ги трпат посиромашните економии
Европската борба за пронаоѓање алтернатива за рускиот природен гас го турка светот кон работ на зимски недостиг од енергија, а најтешките последици со голема веројатност ќе се почувствуваат во посиромашните економии.
Во неодамнешната анализа на компанијата „Ристад енерџи“ се констатира дека државите од ЕУ се натпреваруваат кој ќе купи повеќе течен природен гас (ЛНГ). Во анализата се потенцира дека ако ЕУ успее „нагло да ја намали“ зависноста од рускиот гас (планира да ја намали потрошувачката за две третини до крајот на оваа година) – глобалната побарувачка за ЛНГ ќе ја надмине понудата за 26 милиони тони до крајот на 2022 година. Ова е речиси 7 отсто од минатогодишната глобална побарувачка за ЛНГ.
„Избегнувајќи го рускиот гас, Европа го дестабилизира целиот светски пазар на ЛНГ, кој годината ја започна со лабилна рамнотежа по турбулентната 2021 година“, се наведува во анализата.
Според податоците на Независната разузнавачка служба за стоки (ИЦИС), во последниве неколку месеци, Европа со вртоглава брзина собирала резерви на ЛНГ. Целиот регион – вклучувајќи го и Обединетото Кралство – од февруари до април увезол 28,2 милиони тони гас, што изнесува 29 отсто повеќе од истиот период лани. На пример, Независната разузнавачка служба за стоки (ИЦИС) ги идентификува најголемите купувачи, а тоа се Франција и Шпанија!
Каушал Рамеш, виш аналитичар за гас и ЛНГ во „Ристад енерџи“, за јавноста објасни дека претстојниот недостиг стана очигледен во март, кога „ЕУ најави дека – во споредба со 2021 година – ќе го зголеми увозот на ЛНГ за 50 милијарди кубни метри“.
„Сè е подготвено за одржливи дефицити во понудата, високи цени, екстремна нестабилност, ’биковски пазари‘ (пазари со долгорочен ценовен раст) и зголемена геополитика на ЛНГ“, наведува Рамеш во анализата.
Сепак, некои земји ќе ја зголемат употребата на јаглен и нафта
Според публикуваните информации од страна на Независната разузнавачка служба за стоки (ИЦИС), минатиот четврток цените на ЛНГ во Источна Азија пораснале за 114 отсто, во споредба со истиот ден лани. Истовремено, според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, глобалната трговија – поттикната од силно зголемената азиска побарувачка по пандемијата – со ЛНГ пораснала за 6 отсто во 2021 година.
Според вишиот аналитичар за гас и ЛНГ во „Ристад енерџи“, Рамеш, земјите како Индија, Пакистан и Бангладеш, најверојатно, ќе го преземат ударот поради пренасочувањето на ЛНГ кон Европа. Клиентите би требало да започнат со потпишување долгорочни договори за снабдување, изјави за „Си-ен-ен бизнис“ Ерик Хејман, виш економист во Дојче банк.
Како што наведува аналитичката компанија „Вортекс“ – овој тренд е поттикнат најмногу од порастот на цените. Како резултат на ова, побарувачката во Азија би можела да биде „трајно намалена“, а некои земји би требало да ја зголемат употребата на јаглен и нафта. Како што пренесува „Си-ен-ен бизнис“, ова предвидување доаѓа директно од „Ристад енерџи“.
Да потсетиме: Европската комисија, откако Русија ја започна својата воена операција во Украина, тргна со спроведување на планот РИПауерЕУ, со кој се предвидува намалување на увозот на руски гас за две третини, односно за околу 100 милијарди кубици до крајот на годината.
Како што посочуваат од Меѓународната агенција за енергетика, во 2021 година Европската Унија извршила увоз на 155 милијарди кубни метри руско сино гориво, што изнесува 45 отсто од европскиот увоз и 40 отсто од севкупната потрошувачка.
Високиот комесар на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел верува дека земјите-членки на Унијата ќе можат да го отфрлат рускиот гас во рок од две години…
На кој начин, тоа сѐ уште е енигма…