Фото: Володомир Зеленски/Официјален фејсбук профил

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, на почетокот на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген, побара уште построги санкции против Русија и директно ја повика Унгарија да престане да купува руска нафта.

-Треба да го поддржиме повикот на американскиот претседател Доналд Трамп да престане да купува руска нафта… Момците од Унгарија мора јасно да го чујат тоа – рече Зеленски, обраќајќи се пред лидерите на околу 50 земји кои се собраа на седмиот самит на Европската политичка заедница.

Главни теми на седмиот состанок на Европската политичка заедница се Украина и општата безбедносна состојба во Европа. По воведната пленарна сесија, учесниците ја продолжија дискусијата на неколку тркалезни маси фокусирани на различни аспекти на безбедносната состојба во Европа, вклучувајќи ги традиционалните и хибридните закани, економската безбедност и миграцијата.

Зеленски повика на уште построги санкции насочени кон руските приходи од продажба на нафта.

-Тоа мора да престане, рече украинскиот претседател – додавајќи дека енергијата од САД и другите партнери може да ги замени руските извори на енергија.

Данската премиерка Мете Фредериксен, домаќин на состанокот, која е копретседател на состанокот со претседателот на Европскиот совет Антонио Коста, рече дека не гледа никакви знаци дека „руските империјални соништа ќе престанат во Украина“.

-Мирот со Русија може да се постигне само преку сила. Мораме да ја зајакнеме Украина и да ја ослабнеме Русија со дополнителни санкции – рече Фредериксен.

Фредериксен рече дека рускиот претседател не успеал во својот план кога ја започнал инвазијата на Украина.

 

-Тој сакал да го освои Киев, да ја собори украинската влада и да ја разбие Европа. Денес, по речиси четири години општа војна, откако потроши милијарди долари жртвувајќи илјадници руски животи, Путин не успеа во ниту едно од овие работи. Војната е руски неуспех – рече таа.

Таа истакна дека зајакнувањето на воените капацитети не е доволно бидејќи Русија ги засилила хибридните напади врз Европа.

– Соочени сме со непријател кој користи секакви алатки. Еден ден тоа се беспилотни летала, следниот ден ги туркаат мигрантите кон границите, ја таргетираат критичната инфраструктура, ние се бориме против дезинформации насочени кон создавање несигурност и недоверба и се обидуваме да влијаеме на демократските избори – рече данската премиерка.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, рече дека „поддршката за Украина не значи поддршка за војна, туку за траен и праведен мир“.