Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави денеска дека ќе разговара телефонски со рускиот претседател Владимир Путин, три дена откако се сретнаа и по разговорите во Белата куќа со лидерите на Украина и европските сојузници.

– Тукушто разговарав со претседателот Путин индиректно и ќе имаме телефонски повик веднаш по овие состаноци денеска – изјави Трамп за новинарите додека се среќаваше со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Овалната соба.

Републиканецот рече дека „можеби ќе имаме, а можеби и нема да имаме трилатерален состанок“ со него, Зеленски и Путин.

Трамп додаде дека неговата земја ќе биде вклучена за безбедносни гаранции како дел од мировниот договор за ставање крај на војната со Русија.

Во разговор со новинарите во Белата куќа заедно со неговиот украински колега Володимир Зеленски, Трамп рече дека иако европските земји се „првата линија на одбрана затоа што се таму, тие се Европа, ние исто така ќе им помогнеме. Ќе бидеме вклучени“.