Фото: Доналд Трамп/инстаграм

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп има три планови за решавање на конфликтот во Украина. Тие беа претставени од идниот потпретседател на САД Џеј-Ди Венс, поранешниот директор на Националната разузнавачка служба Ричард Гренел и идниот специјален пратеник за Русија и Украина Кит Келог – пишува „Ројтерс“ повикувајќи се на упатени извори.

– Според агенцијата, советниците на Трамп јавно и приватно даваат предлози за ставање крај на војната во Украина, што подразбира отстапување на големи делови од таа земја на Русија во догледна иднина.

Во тие предлози се споменува и идејата за „симнување од маса“ опцијата за членство на Украина во НАТО, пренесува „Ројтерс“.

Како што се додава во анализата, советниците на Трамп ќе се обидат да ги принудат Москва и Киев да преговараат користејќи го принципот „морков и стап“, односно суспендирање на воената помош за Киев доколку не се согласи на разговори, но и зголемување на помошта за Украина доколку Рускиот претседател Владимир Путин ги одби преговорите.

Еден од поранешните функционери за национална одбрана на Трамп вклучен во транзицијата рече дека има три главни предлози – Келог, Венс и Гренел, при што Гренел предложи формирање автономни зони во источна Украина како дел од мировниот договор и верувајќи дека членството на Украина во НАТО не е во интерес на САД.

Неименуван висок советник за надворешна политика на Трамп рече дека Гренел бил еден од ретките присутни на состанокот меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк во септември.

Предлогот на Венс повикува на демилитаризација на демаркационата линија меѓу Русија и Украина и суспендирање на разгледувањето на членството на Украина во НАТО, додека планот на Келог вклучува прекин на огнот врз основа на замрзнување на постојните линии на фронтот во моментот на решавањето – се вели во анализата на „Ројтерс“.

Според планот на Келог, кој беше изготвен од поранешниот функционер на Советот за национална безбедност, Фред Флејц и претставен на Трамп претходно оваа година, Трамп ќе му достави на Киев повеќе оружје само доколку Украина се согласи на мировни преговори, истовремено предупредувајќи ја Москва дека ќе ја зголеми американската помош до Украина ако Русија одбива да преговара.

Според истиот предлог, на Украина би и биле понудени американски безбедносни гаранции, кои би можеле да вклучуваат зголемување на испораката на оружје по постигнување договор. Аналитичарите и поранешните функционери за национална безбедност на САД веруваат дека некои елементи од предлогот веројатно ќе наидат на отпор од Зеленски, кој поканата за НАТО ја направи дел од својот „план за победа“, како и од европските сојузници и некои американски пратеници – забележува „Ројтерс“.