Доналд Трамп кажа дека поддржува итно објавување на документите поврзани со претресот спроведен во неговата вила на Флорида, неколку часа откако државниот обвинител Мерик Гарланд соопшти дека Министерството за правда побарало од судот да го објави запечатениот налог за претрес, како и листата на предмети одземени при претресот од страна на агентите на ФБИ, пишува „Фајненшл тајмс“.
Поранешниот американски претседател го упати неговиот апел за објавување на документите по консултациите со неговиот адвокатски тим за следните чекори во соочувањето со законот.
– Не само што не се противам на објавувањето на документите поврзано со неамериканската, незаконска и непотребна рација и упад во мојот дом на Флорида, туку одам чекор понатаму преку охрабрување на итно објавување на тие документи – напиша Трамп.
Федерален судија на Трамп му даде рок што истекува денес да одлучи дали ќе го прифати повикот на Министерството за правда за отворање на документите поврзани со претресот.
Извор запознат со истрагата рече дека агентите на ФБИ одзеле десет кутии со документи од домот на Трамп за време на претресот.