Шефицата на германската дипломатија, Аналена Бербок, денеска изјави дека светската заедница повеќе пати го повикуваше рускиот претседател Владимир Путин да не прибегнува кон нуклеарни закани во конфликтот со Западот поради војната во Украина.
Говорејќи за време на посетата на областа на Турција уништена од неодамнешните земјотреси, Бербок, исто така, кажа дека одлуката на Путин да го суспендира важниот договор за контрола на нуклеарното вооружување „Нов СТАРТ“ ја нагласува важноста на чекорите кон нуклеарно разоружување, јавија британските медиуми.
Путин претходно денеска, во говорот по повод годишнината од руската воена операција во Украина, кажа дека Русија го суспендира учеството во договорот „Нов СТАРТ“, последниот голем договор за контрола на оружјето меѓу Москва и Вашингтон.
Освен тоа, тој во денешното обраќање пред Сојузното собрание за состојбата на нацијата кажа и дека Русија направила се за да ги реши проблемите во Донбас со мирни средства, но дека зад нејзиниот грб се подготвува поинакво сценарио.
Според него, Русија искрено се стремела кон мир, а застапувањето на Западот за мир било лажно.
-Киев имаше разговори со Западот за набавка на оружје пред почетокот на воената операција во Украина – рече рускиот претседател.