Риши Сунак вети дека ќе го поправи економскиот хаос наследен од неговата претходничка Лиз Трас, откако беше назначен за нов британски премиер, пренесуваат светските медиуми.
Во говорот на скалилата пред премиерската резиденција на „Даунинг стрит 10“, Сунак истакна дека биле направени грешки од неговата претходничка и оти тој е назначен, „во одредена мера, да ги поправи“.
Трас стапи на премиерската функција минатиот месец, но бргу поднесе оставка откако нејзиниот радикален економски план предизвика паника на пазарите и доведе до пад на фунтата.
Сунак точно ги предвиде ваквите случувања за време на борбата за лидерската функција кај ториевците од летоска, во која тој заврши на второто место, а сега ја добива неговата политичка награда.
– Нашата држава се соочува со длабога економска криза. Јас ќе ја ставам економската стабилност и довербата во срцето на агендата на оваа влада. Ова значи дека ќе уследат тешки одлуки – порача Сунак во првиот говор по стапување на премиерската функција.
Тој доаѓа на функцијата во време на големи предизвици за британската економија, зголемени трошоци за струја, каматни стапки и инфлација што ги зголеми животните трошоци за милиони домаќинства и бизниси. Згора, Британија има и голем буџетски дефицит, со што од администрацијата на Сунак се очекува да потврди пакет на даночни зголемувања и кратења на трошоците.
Но, новиот премиер не се поколеба од претстојните предизвици.
– Ја знам високата позиција што ја прифатив и се надевам дека ќе ги исполнам вашите барања. Оваа влада ќе има интегритет, професионалност и одговорност на секое ниво – порача Сунак, кој со 42 години е најмладиот британски премиер во поновата историја
Наспроти неговата младост, Сунак е добро познат во британската јавност откако го критикуваше и неговиот поранешен шеф Борис Џонсон, кој исто така беше принуден да поднесе оставка во јули по низа скандали. Популарноста на Сунак се зголеми и откако постави шема вредна милијарди фунти за заштита на платите, во случај на потешкотии на компаниите за време на пандемијата.