Најсофистицираното оружје за Украина: Химарс(лево) и ФАБ

Украина од ден на ден станува сѐ поопасен полигон за тестирање воени тактики во реално време со живи актери, конвенционални орудија, најсофистицирани оружја, тактики на платенички војници… Конфликтот почна со достава на оружје, главно од членки на НАТО, како панцири, шлемови и вреќи за спиење, па потоа и рачно преносливи противвоздушни и антитенковски системи „стингер“ и „џавелин“, тенкови, хаубици, ракетни системи ХИМЕРС и крстосувачки ракети „сторм шедоу“ и СКАЛП. Русија исто така паралелно ја зголемува употребата на сè поразорно оружје на украинските фронтови. На пример, модернизираните руски бомби ФАБ (ознаки 250, 500, 1.500 и 3.000), со новите прецизни системи за водење, отстапуваат од целта за само два-пет метри, што е незначително со оглед на нивниот огромен разурнувачки потенцијал

Украина како воен полигон за тестирање воен арсенал, орудија и воена опрема

Украина од ден на ден станува сѐ поопасен полигон за тестирање воени тактики во реално време со живи актери, конвенционални орудија, најсофистицирани оружја, тактики на платенички војници…

Дмитро Кулеба, шеф на украинската дипломатија: „ДАЈТЕ НИ ГИ ПРОКЛЕТИТЕ ’ПАТРИОТИ‘“

И додека конфликтот речиси секојдневно носи некои нови воени изненадувања, Украина вчера извести за нови масовни руски напади на североистокот, југот и западот на земјата, како дел од новиот бран руски ракетни напади, за кои Киев рече дека ги оштетиле објектите на електричната мрежа.
Експлозии се слушале и во вториот по големина украински град Харков, кој веќе подолго време е цел на руски ракетни и беспилотни летала. Според некои западни воени и безбедносни експерти, Харков е цел на голема руска летна офанзива, која, според многу експерти, очигледно ја подготвува Кремљ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се огласи по последниот руски напад низ земјата, велејќи дека на Украина итно ѝ требаат силни системи за противвоздушна одбрана и друга одбранбена поддршка, наместо да го игнорира горливото прашање и да се вклучи во долготрајни дискусии.
Колку е очаен Киев во однос на снабдувањето со оружје покажаа и зборовите на шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, кој очајнички им се обрати на Американците: „Дајте ни ги проклетите ’патриоти‘“. Тој предупреди дека наведуваните руски проектили се оружје од кое е невозможно да се избега.
– Тоа едноставно ви паѓа на глава и уништува сè. Губиме позиции и единствениот начин да го спречиме тоа е соборување на авионите што носат бомби. Потребни ни се системи за противвоздушна одбрана на првите борбени линии – рече министерот за надворешни работи на Украина.
Но ниту Германија не испраќа оружје, па така, претседателот Володимир Зеленски го критикуваше германскиот канцелар Олаф Шолц за неговото континуирано одбивање да испрати крстосувачки ракети „таурус“.

Од украинска страна „стингер“, „џавелин“, најсовремени тенкови, хаубици, ракетни системи ХИМЕРС и крстосувачки ракети „сторм шедоу“ и СКАЛП, а од руска страна нова генерација руски бомби ФАБ

Хрватскиот воен аналитичар Зоран Метер во длабинска анлиза потсетува дека конфликтот почна со достава на оружје главно од членки на НАТО, како панцири, шлемови и вреќи за спиење, па потоа и рачно преносливи противвоздушни и антитенковски системи „стингер“ и „џавелин“, тенкови, хаубици, ракетни системи ХИМЕРС и крстосувачки ракети „сторм шедоу“ и СКАЛП. Токму тоа придонело Русија да ја зголемува употребата на сè поразорно оружје на украинските фронтови.
За некои од нив, украинската војска сè уште нема контрамерки, како модернизирани руски бомби ФАБ (ознаки 250, 500, 1.500 и 3.000) од советската ера – од кои има огромен број и кои руските воени фабрики сега забрзано ги модернизираат, со прецизни системи за водење, поради што нивното можно отстапување од целта е сведено на само два-пет метри, што е незначително со оглед на нивниот огромен разурнувачки потенцијал.
– Ниту едно средство за противвоздушна одбрана нема ефект против овие бомби, дури ни американските системи „патриот“, за кои, инаку, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок предупреди дека европските армии веќе немаат доволно за да ги достават во Украина – пишува Метер.
Воените стратези сметаат дека единствениот начин за евентуално намалување на штетите од употребата на руските бомби ФАБ би било испорака на американски борбени авиони „Ф-16“ во Украина, кои потоа ќе треба да се вклучат во борба со руски повеќенаменски авиони, пред се „су-34“, кои се носители на наведените наведувачки бомби, кои сега, поради способностите за наведување, можат да бидат фрлени од далечина до 70 километри (што е највисокото растојание за фрлање слични бомби од која било војска во светот денес).
Но и тука има една голема несразмерност во силите – бројот на „су-34“ со кои располага руското воено воздухопловство е многу голем, а на Украина ѝ беа ветени само околу 30 авиони „Ф-16“, за кои украинските пилоти сè уште се на обука, односно дури и кога ќе ја завршат, ќе имаат многу мало борбено искуство во споредба со искусните руски пилоти, па таа борба би била благо кажано нерамноправна.
Покрај тоа, Западот нема многу „патриоти“, тие се многу скапи, а САД сега првенствено се ориентирани да ги обезбедат за заштита на Израел во услови на сè подраматична ситуација на Блискиот Исток поврзана не само со војна во Појасот Газа туку и поради зголемената можност за вмешаност на Иран во конфликт.
Меѓутоа сега не е целиот проблем за Украина во ФАБ. Русите неодамна почнаа да користат ново застрашувачко оружје против воспоставените украински цели. Станува збор за лизгачки бомби ОДАБ-500 со термобарични (аеросолни) боеви глави. Според „Милитари воч“, ваквите боеви глави се добро оптимизирани за неутрализирање на добро утврдените непријателски позиции и работат со прскање на гасовити хемиски облаци во воздухот, кои потоа се активираат со вакуумски експлозив за ослободување висок притисок со ударен бран.

Фото: ЕПА

Во Украина како „полигон за тестирање оружја“, никој не ја контролира
ескалацијата на оружениот судир

Хрватскиот воен аналитичар Зоран Метер смета дека Москва одговарала симетрично на секое квалитативно ново доставување на западно оружје во Украина, со што избегнуваше можна ескалација на конфликтот надвор од границите на земјата. Сега се наметнува главното прашање, за кое секојдневно дебатираат американските стратези во Пентагон и Белата куќа: до кое ниво на смртоносно оружје при испораката во Киев можат да одат САД без да предизвикаат руска реакција што би претставувала ескалација со опасни елементи за предизвикување непосреден конфликт меѓу Русија и НАТО алијансата?
Вашингтон и натаму верува дека е тој што ја контролира ескалацијата во Украина. Меѓутоа, како што ситуацијата на фронтот станува сѐ потешка за украинските сили, јасно е дека нивното понатамошно опремување со сè помодерни видови западно оружје е неопходно доколку се сака, ако не украинска воена победа, барем одбрана на постојните линии на фронтот против новото големо пробивање на руските сили, за кое нашироко се зборува на Запад и кое ќе следува оваа година преку нова голема руска офанзива, иако Москва сѐ уште молчи за таквата можност.

Ќе победи ли конечно мировната опција?

Украина како полигон на судир на завојувани страни и тест за воените потенцијали, огнената моќ и капацитетите на сите воено инволвирани страни е повеќе од очигледна. Но страдањата на луѓето, човечките жртви, нивните семејства, материјалните добра, бегалците итн. се уште повеќе од очигледни и се дефинитивно неприфатливи. Ниеден тестовен полигон за оружје не може да биде побитен од луѓето и нивните животи. Затоа, сметаме дека иницијативите за квалитетни мировни преговори на зелена маса се повеќе од неопходни.
Имено, најактуелна е најавената конференција во Швајцарија во јуни, меѓутоа за издвојување е дека таму Русија не е поканета, а според руски извори од медиумите, „и да биде поканета Москва, таа не ги прифаќа условите за мировни преговори што се спонзорирани главно од САД“.
Мировен план до Киев, Москва и до Вашингтон испратил и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, но многу е веројатно дека тој ќе остане само мртво слово на хартија. Како главна причина се наведува тоа што Ердоган предложил да се прифати сегашната состојба на теренот, односно барем една петтина од територијата на Украина да ѝ припадне на Русија. Досега најквалитетна и најсеопфатна иницијатива предложи Пекинг. Таа сѐ уште стои како опција што е најприфатлива за центрите на големите сили (Вашингтон и Москва) и треба да ја усогласат.


Кристофер Каволи, шеф на американската европска команда: „Ова е одлучувачки момент“

Колку е сериозна ситуацијата за Украина бидејќи се соочува со недостиг од муниција, противвоздушни ресурси и руски напредок на бојното поле сведочат и зборовите на американскиот генерал, шеф на американската европска команда, Кристофер Каволи: „Ова е одлучувачки момент“.
Во средата, тој ги предупреди членовите на американскиот Конгрес, каде што про-Трамп републиканците блокираа 60 милијарди долари итно потребна помош за Киев, дека војната во Украина достигна решавачки момент и дека се очекува Русија да има предност за неколку недели 10 спрема 1 на артилериски гранати.


Адмирал Жак Малард, командант на борбената група на францускиот носач на авиони: „Тренираме за војување со висок интензитет“

Француската морнарица го преместува својот тренинг-фокус на патролни операции за да се подготви за војна против непријателите, кои се склони да ги уништат, според адмиралот Жак Малард, командант на борбената група на францускиот носач на авиони.
– Тренираме за војување со висок интензитет. Сега обуката се фокусира на војната – рече Малард.
Тој за „Политико“ изјави дека поморска битка станува сè поверојатна.
– Се движиме од свет во кој бевме речиси слободни да правиме што сакаме во свет каде што почесто се чувствуваме загрозени… Сега тренираме за други мисии, особено за она што го нарекуваме војување со висок интензитет.
Франција е единствената земја од ЕУ што управува со носач на авиони на нуклеарен погон – „Шарл де Гол“, кој исто така носи нуклеарно оружје.