Паниката која настана на фудбалски меч во Индонезија откако полицијата пушти солзавец за да ја спречи тепачката меѓу две навивачки групи, предизвика стампедо во кое загинаа најмалку 174 луѓе, според последните информации во светските медиуми.
На мечот од Индонезиската Премиерлига во градот на островот Јава Маланг, помеѓу Арема Маланг и Персебаја Сурабаја избиле неколку тепачки на стадионот „Канџурухан“ откако домашниот тим загуби со 2-3, по што полицијата користела солзавец, кој пак, предизвикал паника, потврди шефот на полицијата, Нико Афинта.
Стотина луѓе се упатиле кон излезите од стадионот и дел од нив се задушиле во хаосот, додека други биле прегазени. Повеќе од 300 луѓе завршле во болница, а се очекува бројката на мртви да порасне откако 160 навивачи се во критична состојба.