Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску денеска изјави дека генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, ќе се повлече од чело на оваа организација во октомври.
Таа на тој начин ги демантираше наводите на германскиот весник „Велт ам Зонтаг“ дека Столтенберг ќе остане на чело на НАТО и по октомври поради стабилноста на Северноатлантската алијанса.
– Мандатот на генералниот секретар Јенс Столтенберг беше продолжен три пати, а тој беше на оваа функција вкупно девет години“, изјави Лунгеску и додаде дека Столтенберг „нема намера да бара уште едно продолжување на мандатот – пренесува Ројтерс.
„Велт ам Зонтаг“ претходно објави дека Столтенберг повторно ќе го продолжи мандатот со цел Северноатлантската алијанса да ја одржи стабилноста за време на војната во Украина.
Според германскиот весник, одлуката за наследник на Столтенберг се уште не е донесена, а најсериозни кандидати се шпанскиот премиер Педро Санчез и британскиот министер за одбрана Бен Валас.
Столтенберг беше премиер на Норвешка од 2000 до 2001 година и од 2005 до 2013 година, а во 2014 година беше на чело на НАТО.