Фото: Европска комисија

Газа треба да биде управува од администрација, а не од Хамас, која е терористичка организација и гледаме каква мизерија и трагедија им донесе на луѓето и на Појасот во целина, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Газа не може да биде реокупирана, да биде поделена или да биде одвоена од идната палестинска држава и треба да биде управувана соодветно од легитимни власти- изјави Стано.

Според него, таа палестинска управа треба да има легитимитет, кој треба да биде потврден од страна на Советот за безбедност на ОН.

– Деталите на сево ова ќе бидат утврдени кога ќе влеземе во процесот. Сега приоритетите се многу јасни. Прво треба да се соочиме со хуманитарната трагедија, која има две лица и од израелска страна и од палестинска страна – рече Стано.

Тој додаде дека од израелска страна таа трагедија се согледува во задржувањето на заложници, како и во постојаните ракетни напади од страна на Хамас, а од палестинска страна е видливото страдање на цивилите.

Според него, справувањето со овие настани е она на што ЕУ е фокусирана во моментов и што беше содржано и во заедничката изјава на 27-те земји членки од неделата и за време на вчерашната дискусија на министрите на Советот за надворешни работи на Унијата.

– Вториот чекор е за тоа што ќе правиме со конфликтот во целина. Предлогот за две држави е идејата на која што треба да работи меѓународната заедница, но секако и самите Израелци и Палестинци – изјави Стано.

Тој додаде дека некаде меѓу овие две точки треба да биде процесот што ќе се одвива чекор по чекор за конкретни прашања поврзани со идното управување со Газа.

– Но, за тоа секако, пред се, се потребни заеднички напори и од страна на Израелците и од страна на Палестинците, со огромна поддршка од меѓународната заедница, при што Европската Унија ќе игра важна улога заедно со нејзините меѓународни партнери – истакна Стано.